Промоција на книга од Александра Јуруковска

10647091_10152775309217764_4639831798326054675_nДенеска (24 септември) во 19:00 часот во книжарницата „Матица ексклузив“ ќе биде промовирана првата книга на Александра Јуруковска – „Ткаење на текстот“.

„Ткаење на текстот “ е збирка критички текстови за македонски книжевни дела објавувани во периодот од 2008-2013 година. Книгата содржи 41 рецензија за исто толку наслови и два поголеми осврта за книжевната сцена во Македонија во календарските 2010 и 2011 година , објавувани во дневниот весник „Дневник“.

Меѓу рецензираните наслови има и голем број дебитатнтски дела на млади македонски автори, за кои многу често текстот на Јуруковска е и единствоно видување и оценка дадено досега. Меѓу насловите има и дела наградени со некои од највисоките домашни и меѓународни награди и признанија „Роман на годината“, наградата за поезија „Браќа Миладиновци“,наградите за поезија и проза на Друштвото на писателите на Македонија, „Балканика“, како и наградата за литература на Европската унија.

Александра Јуруковска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите. Од 2001 година работи како новинар во културните и информативните редакции на повеќе медиуми.

Книгата е издание на „Силсонс“ од Скопје, а поддржано од Министерството за култура на Република Македонија. Делото ќе го промовираат Лилјана Грџо Дамовска – новинар и уредник во „Дневник“ и Мерсиха Исмајлоска – книжевник.