Промотивна кампања за програмата „Еразмус плус“

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност започна промотивната кампања за програмата „Еразмус плус“ која ќе трае до крајот на февруари.

Во рамки на кампањата се предвидени инфо денови за програмата „Еразмус плус 2014-2020“ година во повеќе региони на Македонија, неколку конференции како и информативни работилници во соработка со стопанските комори на Македонија за поголема вклученост на бизнис заедницата.

Како што појасни директорот Дарко Димитров, Агенцијата од минатата година во име на ЕК децентрализирано ја управува програмата „Еразмус плус“ во Македонија. Покрај Еразмус плус и европските иницијативи Еуропас и Евридика од 2014-2020 година, Националната агенција ќе имплементира уште четири мрежи, Еуродеск, Еквет, Еурогајденс и Е-твининг.

Од Агенцијата посочуваат дека во пресрет на роковите од повикот за 2015 година, Македонија има обезбедено целосен буџет на централизирано и децентрализирано ниво вклучително и новиот сегмент Интернационална димензија во високото образование во износ од четири милиони евра, што претставува зголемување на доделените фондови од страна на Европската комисија од половина милион евра за 2015 во однос на 2014 година.