Промовиран проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“

Во присуство на амбасадорот на Обединетото Кралство Чарлс Едмунд Гарет, како и претставниците од фондациите Метаморфозис и Open Knowledge, денес се одржа промотивниот настан на проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“, на кој претставници на граѓанските организации учеа за важноста на отворените податоци.

Промотивен настан на проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“

„Отворените податоци и транспарентноста на едно општество се онолку важни за демократијата, колку брашното и водата за лебот. Пристапот до податоците води до поинформирани граѓани. Во Обединетото Кралство имаме многу позитивно искуство со отворените податоци, и со години сме поддржувачи на Македонија. Се надеваме дека ќе бидеме од помош и во оваа област, споделувајќи ги нашите искуства“, изјави на поздравниот говор амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Чарлс Едмунд Гарет.

Тој истакна дека британската амбасада ја воочува важноста во инвестирањето во оваа област во Македонија и изрази надеж дека овдешните партери ќе ги видат придобивките.

„ Овој проект, Open Data Civil Society Network, ќе тече до пролетта во 2016 година, а во тој период целиме да изградиме капацитет на селектиран број претставници на граѓанското општество, со започнувањето на Школата за податоци во Македонија. Се надеваме дека овој проект ќе и помогне на Македонија да се искачи на интернационалната скала на транспарентност и демократските барометри, и за кратко време ќе стане посилна демократија“, додаде амбасадорот.

На настанот во ГЕМ беа собрани ентузијасти кои сакаат да научат повеќе за отворените податоци, зошто се корисни, како тие влијаат на создавањето на демократско и транспарентно општество, и кои се методите на употреба на отворените податоци во Македонија.

Како што беше истакнато во текот на презентациите , целта на користењето на отворени податоци во општеството е пристап и достапност на податоците, нивно повторно користење и редистрибуција, како и универзално учество на граѓаните во нивното користење. Отворените податоци не подразбираат само владини, туку и корпоративни податоци, податоци од областа на културата, науката и образованието, околината и транспортот.

Во земјите во кои има слободен пристап до податоците, веќе има огромен напредок во создавањето на апликации корисни за граѓаните, подобрена е мобилноста, поголемо е учеството на граѓаните во делувањето на управните органи, а воедно е подобрена и транспарентноста и демократијата на општеството.

Стефанија Тенекеџиева