Промоција на збирката „Врвот на ноќта“ од матурантката Габриела Мишел Милкова

Издавачката куќа „Метаноја“ го најавува излегувањето од печат на своето најново двојазично издание, збирката поезија „Врвот на ноќта“ / „The Peak of Tonight” од Габриела Мишел Милкова. Промоцијата на книгата ќе се одржи денес, на 27 јануари  2016 година, од 19:00 часот, во „МКЦ – Клуб Ресторанот“.

За книгата на настанот ќе зборуваат Татјана Б. Ефтимоска и Ѓоко Здравески.

Во рецензијата Ефтим Клетников за збирката пишува:

„Предмет на поезијата на Габриела Милкова е едноставно душата, битието, она што стои целосно надвор од надворешниот свет како социјален или материјален факт. И токму затоа, да се послужиме со формулацијата на Бранко Миљковиќ за херметичката песна, поезијата на Габриела Милкова е ‘пловна во длабочината‘ …, која во песните … е веќе разгорена во сугестивен поетски пламен, во говор кој ги изнесува на површина темните кристали на нејзината душа“.

Во нејзиниот критички осврт, Христина Атанасовска Јовановска ќе запише:

„Првата поетска збирка на Габриела Мишел Милкова „Врвот на ноќта“ (“The Peak of the Night”) нѐ воведува во едно возбудливо (само)откривање, низ спојот на играта и луцидноста, на дионизискиот танц и аполониската проникливост. Во оваа поезија …танцувајќи во трансот на играта, разбираме дека нашето јас … нема куќа, нема дом – тоа е номад. Ослободувајќи го духот низ играта, низ екстатичниот лет, разбираме дека постоиме единствено како номадски субјекти“.

Габриела Мишел Милкова е четврта година ученичка во Меѓународните училишта „НОВА“. Со своја поезија настапувала на платформата за поетските настапи „Астални проекции“, а и за време на Летното училиште „Кембриџ Литерати“. Неодамна нејзини песни се објавени во Меѓународното списание за книжевност и уметност „РАЗНОЛИКОСТ“.