Промоција на збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов

Вечерва во паркот на Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот, во рамки на манифестацијата „МКЦ за Скопје“ ќе се одржи промоција на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, објавена во издание на „Или-Или“.
За книгата ќе зборува Владимир Јанковски, кој ќе го води и разговорот со авторот, а раскази ќе чита Ѓоко Здравески.

„Скопје: изгубените чевли на градот“ содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје. Текстовите, т.н. антиразгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа изминативе години. Во неа средишно место заземаат приказните за малите луѓе и феномените кои се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците. Поривот за таквиот третман на градот доаѓа токму од бруталноста со која се интервенираше врз неговата „голема слика“ и „голема приказна“. Зад квази-барокните архитектонски кулиси, предимензионираните милитантни споменици, покриени од вревата на славната квазиисторија – живеат луѓе, чиишто мали драми испреплетени со тајните на градот се многу поважни! Всушност, малите приказни се оние кои го прават градот жив, вибрантен и возбудлив. Токму за нив зборува, или се обидува да зборува книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“, пишуваат од издавачката куќа „Или-или“.

Во прилог, прочитајте го расказот „Изгубените чевли на Скопје“, дел од збирката на Шопов.

Малку повнимателните шетачи не можат а да не забележат дека низ Скопје сè почесто можат да се најдат чевли фрлени или оставени среде улица или на тротоар. Не, не станува збор за излитените обувки кои обично се оставаат покрај контејнерите со надеж дека ќе ги најде некој сиромав или бездомник. Ниту пак за патиките врзани со врвките една за друга и закачени за електрични или телефонски кабли. Понекогаш е тоа само еден чевел, небаре некоја скопска Пепелашка го оставила за да го најде својот принц, а понекогаш се два чевела, кои го збунуваат случајниот пронаоѓач.
Ако некогаш наидете на овие чевли, погалете го нежно градот и допрете му ги стапалата. Под прстите ќе ги почувствувате плускавците на Скопје, градот што очигледно уште не ги нашол чевлите во кои му е удобно. Фрлените обувки се доказ дека случајот е ист и со многу скопјани. Од некоја непозната причина, сè уште не сум ги забележал како трчаат низ улици и сокаци, слободни и боси. Но, еве, во моментов, во знак на некаква заговорничка солидарност, ги соблекувам и своите патики. И се кикотам.

Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Ги објавил збирката раскази Азбука и залутани записи (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза Меше на годината (2012), збирката раскази 091 – антиразгледници од Скопје“(2018), збирката сатирични текстови Хрониките на Арслан Новинарски (2018) и мини-книгата Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750 (2019). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.