Промоција на збирката раскази „Не им правете сенка на гробовите“ од Дијана Петрова

На 25 јуни со почеток во 20 часот во Младнскиот културен центар ќе се одржи промоцијата на збирката раскази „Не им правете сенка на гробовите“ од авторката Дијана Петрова.

На промоцијата ќе говорат македонската авторка Фросина Пармаковска, преведувачката на „Улис“ – Марија Гиревска и режисерката на „Медена земја“ – Тамара Котеска.

„Гнев, сладострастие, алчност, гордост, мрзливост, завист и ненаситност се седумте смртни гревови – страшните искушенија на човековата душа. Преку отелотворувањето на седумте смртни гревови во тела и во дела, овие раскази длабоко допираат до нашите сетила и свест. Преку ликовите што се доведуваат на работ на лудилото се прикажува апсурдноста на постапките во животот и се поставува прашањето: дали тоа што смртта е неизбежна прави таа да биде нелогична“, пишува за книгата Фросина Пармакоска.

Дијана Петрова дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. „Не правете им сенка на гробовите“ е нејзина втора објавена книга. Првиот роман на Петрова, „Бдеењето над себе“ е објавен во 2019 година.

Во согласност со препораките за организација на вакви настани, ќе бидат испочитувани сите мерки за држење растојание, носење маски и дезинфекција.