Промоција на збирката поезија „Отвори ги очите“ од Љупка Антеска

Вечерва (6 декември) во Гостивар, ќе биде промовирана новата стихозбирка на поетесата Љупка Антеска, под наслов „Отвори ги очите“. Творбите во книгата се поделени во три циклуси: „Поезијо, остави ме“, „Љубов потпрена на патерици“ и „(Мо)ментални (за)белешки“.

Настанот ќе се одржи во Центарот за млади и заедницата, со почеток во 18.30 часот. Промотори се: Снежена Стојчевска и Цветанка Колева, додека стихови од збирката ќе чита Катерина Гогова.

„Повеќето песни од книгава Отвори ги очите зрачат со извесна самосвесност на поетесата, самосвест за себе како творец и за песната како творба која има свои правила, свој начин да биде, свој начин да заведе и да се запомни. Поетесата знае како, од време на време, во точно одреден миг, да проблесне со некоја идеја, со некоја подробност која објаснува некоја суштина, па тие проблесоци на дребноста при набљудувањето и опишувањето на нештата во животот и живеачката, делуваат симпатично, пријателски, атрактивно, ведро, човечно“, пишува во поговорот на збирката, академик Катица Ќулавкова.

Љупка Антеска е родена 1980 година во Струмица. Живее и работи во Гостивар, како новинар. Претходно ги има издадено стихозбирките: „Денодение“ и „Лек за времето“.