Промоција на видео-играта „Франтикс“ на која работеше и тим од Македонија

Во среда (7-ми март) во Младинскиот културен центар, со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на новата видео-игра„Франтикс“ (Frantics), наменета за светски пазар, на која работеше и тим Македонци.

Зад „Франтикс“ стои компанијата за видео-игри „Напнок гејмс“ (NapNok Games), чие централно седиште е во Копенхаген, Данска, кое има свое претставништво и во Скопје.

На играта две години работеа седумдесетина артисти, дизајнери, програмери и тестери, од кои 27 се од Македонија.

„Возбудени сме што конечно можеме да говориме за „Франтикс“, една од првите игри, којашто е ексклузивна за плејлинк-платформата, а подразбира комбинирање паметни телефони, телевизија и Плејстејшн 4. Фактот дека преку телефон може да се игра на Плејстејшн, говори за отворени можности, кои гарантираат забава и ново искуство. „Франтикс“ е многу социјална игра, која открива нови технологии и начини на комуникација“, вели Дајана Димовска, косопственичка на „Напнок гејмс“.

Станува збор за игра, која на четири играчи ќе им овозможи забава преку различни мини-игри. „Франтикс“ е игра наменета за сите, без разлика дали се искусни во видеоигрите, односно не се потребни специфични вештини за да се игра, што ја прави одлична за забава.

„Франтикс“ е направена во копродукција  со „Сони плејстејшн“, што подразбира директна соработка со еден од најголемите светски издавачи на видео-игри.

„Напнок гејмс“ е компанија што постои седум години и досега има добиено бројни награди од областа на видео-игрите. Има свои претставништва во Копенхаген, Париз, Минеаполис и Скопје.