Промоција на стихозбирката „Беседење со неа“ на Андреј Медиќ Лазаревски во „Буква“

Во петок (9 јули) со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоција на дебитантската стихозбирка „Беседење со неа“ во авторство на Андреј Медиќ Лазаревски.

Овој настан е во организација на неформалното здружение за културно и креативно изразување „Култура β“ и кафе-книжарницата „Буква“, а прв настан со физичко присуство кој го организира здружението. 

За книгата ќе зборува рецензентката на збирката проф. д-р Ана Стојановска (писателка и театролог), а ќе се чуе и осврт на рецензијата на проф. Драгица Солунчева (философ и професорка по философија).

Поезија ќе читаат млади поетеси и авторки, соработници и членови на „Култура β“: Ана Илиева, Калина Качоровска, Ева Стојчевска и Ана Голејшка Џикова.

„Беседење со неа“ е првата стихозбирка на Медиќ Лазаревски. Збирката е дел од едицијата „Гласини“ и ја носи втората награда „Душата на чаршијата“ на конкурсот за дебитантски ракопис на издавачката куќа Дата Песнопој.

Андреј Медиќ Лазаревски е студент на институтот за философија на Философскиот факултет при УКИМ во Скопје. Тој е еден од основачите на неформалното здружение „Култура β“. Член е на тимот на Филозофскиот филмски фестивал. Тој е автор на стихозбирката „Беседење со неа“ (ДАТА Песнопој, 2021.), a е и активен автор на проза, куси драмски текстови и поезија. Тој е креативец со дух кои се стреми за појавно развивање на младинската некомерцијална и вонинституционална уметност па токму поради тоа се решава и за отпочнување на проектот Култура β.

Од неформалното здружение најавија дека летово следуваат уште неколку културни настани во нивна организација.