Промоција на романот „Нешто напишано“ од Емануеле Треви

Во рамки на едицијата „Европски калеидоскоп“, издавачката куќа Магор го објави романот Нешто напишано од италијанскиот писател Емануеле Треви.  Промоцијата на книгата, на која ќе биде присутен и авторот, ќе се одржи во среда (7 октомври) во кафе-книжарницата Магор со почеток во 20.30.

Промотори ќе бидат проф. д-р Анастасија Ѓурчинова и проф. д-р Владимир Мартиновски. Романот е добитник на Европската награда за литература во 2012 година. Преводот од италијански јазик е на Живко Грозданоски.

Емануеле Треви (Рим, 1964) е една од клучните појави во современата италијанска литература и култура воопшто. Посветен книжевен критичар, преведувач, новинар, чест соработник на списанија, дневни весници и радија, автор на неколку романи. За својот начин на пишување има изјавено дека е „обид радикално да се обнови концептот за тоа што ‘есејот’ претставува“.

Романот „Нешто напишано“ е објавен во 2012 година. Насловот реферира на истоименото поглавје од последниот, недовршен роман Петролеј на Пјер Паоло Пазолини (централна тема во книгата), и воедно доследно ја оправдува полиморфната природа на ова дело, кое истовремено е и фикција, и есеј, и книжевна критика, новинарско истражување, патопис, монографија…

Книгата е објавена со финансиска поддршка на програмата Култура на Европската унија.