Промоција на публикацијата „Соочување на реалноста“

unnamedЦивил – Центар за слобода и Форум – Цивилен мировен сервис најавуваат промоција на публикацијата „Соочување на реалноста“, која е завршен извештај на пилот-проектот „Сеќавање на минатото – обликување на иднината: локални култури на помнење“ на 3 декември (среда) во ГЕМ Клуб (Стара Чаршија), со почеток во 11:30 часот.

– Живееме во време кога историјата, искривена и злоупотребена го запоседна нашето секојдневие и ја загрозува нашата иднина. Нашата организација, следејќи ги негативните општествени и политички трендови, упати еден сеопфатен поглед во локалните култури на помнење во три мултиетнички општини во Република Македонија и на тој начин се обиде да даде одговор на горливите теми поврзани со областа на соочување со минатото, посочуваат  од Цивил.

Проектот опфаќа еден подолг историски период во Македонија, почнувајќи од Илинденското востание во 1903 година и завршува со проектот „Скопје 2014“. Културата на помнење се однесува на вредностите, политиките и практиките на поединечното и колективното помнење, меморијализација на минатото преку обележување на празниците и почитување на спомениците, културното пролонгирање на историските настани, водењето и функционалноста на институциите (библиотеки, училишта, музеи, архиви).

Во овој пилот проект беа опфатени три општини: Чаир, Тетово и Кичево. Идејата беше да се добие слика за развојот на културата на помнење на ниво на мултиетнички заедници, нивните меѓусебни односи и нивниот однос кон минатото.