Промоција на публикацијата „Сината книга од границата“

Во четврток, во 19 часот ќе се промовира публикацијата „Сината книга од границата“, во кој се испишани сведоштва, фотографии и приказни од Транзитниот Центар Табановце за време на бегалската криза која ја зафати Македонија.

Публикацијата е подготвена од тимот на Македонското здружение на млади правници, а настанот ќе се одржи во Галерија Акантус.

„’Сината книга од границата’ извира од две црвени тетратки кои менуваа рака (од правник до правник) во текот на најтешките месеци од бегалската криза во Транзитниот Центар Табановце. Во нив се испишани имиња и презимиња на стотици луѓе, родендени и други важни дати, држави и градови, часови и минути. Во линиите се испишани и чувствата на правниците кои секојдневно ја сведочеа најголемата криза на човештвото во последните 50 години“, велат организаторите.

Книгата содржи и фотографии кои се сиров приказ за условите во кои се наоѓаа илјадниците мажи, жени и деца на нивниот пат кон нормален живот.