Промоција на поетската збирка „Кога љубовта се троши како креда“ од Лулзим Хазири

Промоција на поетската збирка „Кога љубовта се троши како креда“ од Лулзим Хазири ќе се одржи на 28 февруари, во 20 часот, во „Кино Култура“. Промотори на изданието ќе бидат академик Луан Старова и Салајдин Салиху. Преводот на песните од албански на македонски јазик е на Линдита Ахмети.

Според Салајдин Салиху, рецензентот на „Кога љубовта се троши како креда“ да се пишува за поезијата на Хазири значи, уште на почетокот, да се биде внимателен во изборот на начинот на пишување и да се одбегне секаков вид конформизам. Хазири е поинаков глас во албанската поезија, творец кој носи нешто ново во албанската поезија. Хазири на албанската поезија ѝ ја носи урбаната чувствителност, третирањето мотиви што се среќавале во светската книжевност, но не беа толку присутни во албанската книжевност.

Лулзим Хазири е роден во 1962 година во Гостивар. Досега објавил четири збирки поезија и две книги со есеи и колумни. Песните му се преведени на англиски, француски, романски, хрватски и македонски јазик. Активен е по полето на заштитата на човековите права. Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија, во рамки на Годишната програма за 2017 година.