Промоција на поетска збирка од Сеида Бегановиќ во МКЦ

Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечер ќе биде промовирана поетската збирка „За жените кои немаат куќа и три обични дена“ од Сеида Бегановиќ.

Според Елизабета Шелева, која ќе ја промовира книгата, поезијата на Бегановиќ е вистински предизвик за читателот.

„Храбро и возбудливо четиво, во кое рака под рака одат горчливата исповедност и надмоќната философска дистанцираност; ранливата кревкост на жената и отровниот цинизам на супериорната, самоиронична „мажевна“ мудрост; духовитата игра на зборови, метафори и идиоми, смислата за хумор, воопшто и неочекуваниот, од заседа излезен „калкулус на болката“, самотијата, напуштеноста, предавството од страна на другите…, истакнува Шелева.

Покрај неа, за изданието на промоцијата ќе зборува и поетот Владимир Мартиновски, а стихови ќе читаат Елена Митреска, Снежана Стојчевска, Ѓоко Здравевски, Владимир Мартиновски и авторката Бегановиќ.

Сеида Бегановиќ (Зеница, Босна, 1961) завршила студии по филозофија и социологија на Филозофскиот факултет во Сараево. Живее и работи во Скопје како слободен уметник. Објавува поезија и проза (раскази и романи), а работела како новинар, драматург и преведувач (македонски, полски, руски, англиски јазик).

Книгата „За жените кои немаат куќа и три обични дена“ ја доби наградата „Книжевен мост“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2014 година за автори кои пишуваат на малцинските јазици.