Промоција на новиот албум на June, “Living for the Weekend”

Скопскиот бенд June, на заеднички концерт со белградската кантавторка Ана Ќурчин ќе го промовира својот нов албум, Living for the Weekend. Концертот ќе се одржи на на 11 март во кино Фросина (МКЦ), од 21 часот.

Living for the Weekend е многу повеќе од уште еден нов албум на June. Тоа е приказна за еден период од поминати две убави години исполнети со многу дружење, љубов и музика. LFTW е ехо на едно време и живот во кој бендот живееше за „викендот“, но не само во буквалната смисла на зборот туку пред се како метафора за копнежот по убавите, ретки и бесценети моменти од животот. Албумот е изграден врз многу лични искуства и емоции, многу фантазии, соништа и сеќавања и како таков на него е материјализирана колективната енергија на бендот, нивната звучна аура.

June се Бојана Низамовска (вокал и гитара), Филип Арсов (вокал и гитара), Данчо Поповски (бас), Анте Гулин (тапани) и Јане Трајковски (гитара и труба).

Албумот го снимаше и миксаше Ивица Јанкуловски во студиото „Алшар“.

Ана Ќурчин е кантавторка родена во Багдад, израсната во Москва, а во моментов живее и работи во Белград. Нејзината музика е нежна и моќна, тивка и мелодична, бучна и ритмична, се лула преку инди-рок и фолк и кокетира со блуз.

Ана активно свири од 2012 година, настапува соло или со бенд, а нејзината музика можеше да ја слушне целиот регион бидејќи често натапува на просторите на бившата држава.
Беше дел и од престижниот Waves фестивал во Виена, а настапуваше и на МЕНТ конференцијата во Љубљана.

На почетокот на 2015 година, концертната сезона ја отвори со концерт во легендарното Студио 6 на радио Белград и на тој концерт го претстави новиот бенд кој е составен од Горан Антоновиќ, Марко Цветковиќ и Марко Бенини. Во оваа формација ќе настапи и на скопскиот концерт.

Во 2016та го издава првиот студиски албум насловен “Sketches of Belonging”, а за првите два сингла “Remain Calm” и “Unknown” се пропратени и со видео спотови.