Промоција на „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ од Ѕвездан Георгиевски

Во клуб ресторан МКЦ, овој петок (17.02) со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на книгата „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ на Ѕвездан Георгиевски. За оваа книга авторот ја доби наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2016 година, која ја доделува издавачката куќа „Темплум“.

Промотори на книгата ќе бидат Петар Арсовски и Петар Арсовски.

„Главниот протагонист во романот е соочен со својот живот што не може да го препознае како свој, и постојано се гледа себеси отстрана, како да е туѓинец. Преку мотивот на двојникот, Гроздан како да се гледа низ туѓи очи и, поради тоа што во даден момент престанува да ја разликува стварноста од фантазијата (или стравот од стварноста), и повеќе не препознава дали самиот учествува во настаните или само ги замислува, светот околу него ја губи смислата. Аспектот кога стварноста прераснува во гротеска и во бесмисленост е успешно воден преку неизвесните и динамични исечоци од животот на протагонистот. Одделните настани се поврзани преку лајтмотивот на двојникот, преку повторувањето на ситуации и реплики во кои секогаш се надополнува нешто ново или се менуваат ликовите што ги изговараат истите зборови, како и преку некој вид запаѓање во состојба меѓу сонот и јавето, својственa за магичниот реализам“, стои во описот на книгата.

Инаку, авторот Ѕвездан Георгиевски е долгогодишен новинар и колумнист, кој има работено во повеќе дневни и неделни весници. Еден е од основачите на првото приватно радио во Македонија „Канал 4“, како и на наградата „Роман на годината на Утрински весник“.