Промоција на „На враќање“ на Фросина Пармаковска на 16 септември

Во МКЦ на 16 септември од 20 часот ќе биде промовиран четвртиот роман на Фросина Пармаковска – „На враќање“, во издание на „Или-Или“.

Промотори се Октај Ахмед и Душко Крстевски.

„А јас ги отворам очите за да ја запаметам таа последна слика и гледајќи некаде низ прозорецот, пишувам со рацете на кои тогаш не им требаат очи. Утрото без да ме предупреди и без да се збогува, одамна беше заминало, а јас сум бескрајно среќен и исполнет од сите места на кои што бевме, целиот свет што ни припаѓаше и можевме да го изменуваме дотолку да уништуваме натрапници и да оживуваме трупови на умрени објекти со помош на големи историски личности. Не можев ништо повеќе да посакам и за ништо не можев да се пожалам. Како да патував на летечки килими што можат секаде да ме однесат, каде и да посакам“, стои во најавата за романот.

Пармаковска има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институтот за македонска литература, тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“.

Има објавувано раскази во книжевни списанија. Во 2013 година го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). „Вишнова хроника“ (Или-Или, 2014) е нејзин втор роман, а за третиот „Одбројување” (Или-Или, 2017) ја доби наградата „Роман на годината“.