Промоција на монографија за Милчо Манчевски во МКЦ

Во сабота (9-ти мај), во кино Фросина (Младински културен центар), со почеток од 19 часот, ќе се промовира монографијата за режисерот Милчо Манчевски, чиј уредник е филмската критичарка Марина Костова.

Монографијата насловена „Манчевски“ ќе биде претставена на трибина, на која за творештвото на режисерот, ќе разговараат актерката и продуцентка Лабина Митевска, филозофката проф. Катерина Колозова и авторката Костова.

Книгата претставува резиме на досегашната кариера на уметникот. Содржи десет есеи за разновидни аспекти на неговото творештво од светски реномирани филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметност. Содржи и голема збирка продукциски белешки, сториборди, писма, рецензии и интервјуа, како и теориски размислувања и проза на самиот Манчевски.

Книгата ќе биде достапна бесплатно на трибината, како и на бесплатните проекции на филмовите „Мајки“ (9-ти мај во 21 часот) и „Прашина“ (10-ти мај во 21 часот) во киното Фросина.

Промоцијата на монографијата е дел од манифестацијата „Снимај бе братучед, снимај – 4 дена со Милчо Манчевски“, во организација на Друштвото на филмски професионалци на Македонија. Издавачи на книгата се „Битсија“ и „Арс ламина – публикации“.