Промоција на Меѓународно списание на Филозофскиот факултет

Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје вечерва (18 ноември) ќе го промовира првиот број од Меѓународното списание за образование, истражување и обука (International Journal forEducation, Research and Training – IJERT).

Ова е единствено списание од ваков карактер во Македонија, кое ги третира современите образовни текови, трендови и предизвици од глобален аспект и дава особен придонес во креирањето на образовните политики во нашата земја и пошироко.

Во уредувачкиот одбор на списанието има 34 членови, од кои 25 се странци, односно професори и претставници на 22 познати универзитети од 14 различни земји, од кои поголемиот дел се земји-членки на Европската унија, но има претставници и од универзитети од Русија и САД.

На промоцијата ќе се обратат деканот на Филозофскиот факултет во Скопје Горан Ајдински, раководителот на Институтот за педагогија Анета Баракоска, главниот и одговорен уредник Борче Костов и уредниците Елизабета Томевска-Илиевска, Алма Тасевска и Елена Ризова.

Меѓународно списание за образование, истражување и обука излезе од печат во јуни оваа година, истовремено со неговата електронска верзија, која е прикачена на веб-страницата на Филозофскиот факултет. Како и сите списанија кои ги издава факултетот, и ова списание е со отворен пристап.

Во првиот број од списанието објавени се трудови кои се однесуваа на реформите кои се преземаат во воспитно-образовните системи. Големиот број на трудови кои пристигнаа за објава, како и севкупноста на темите кои беа обработени, укажуваат на множество на проблеми од областа на образованието, велат уредниците.