Промоција на „Меч од мечти“ – прва стихозбирка на Диме Данов

Младиот уметник и поет Диме Данов во понеделник (5 јули) ќе ја промовира својата прва стихозбирка насловена „Меч од мечти“.

Настанот ќе се одржи на платото пред Младинскиот култерен центар во Скопје, со почеток во 20 часот, а промоцијата ќе биде пропратена и со музичка изведба на ВИС „Тркалезна маса“.

Стихови од книгата ќе читаат Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.

„Специфичен и загатлив, социјално ангажиран, мистичен и урбан истовремено, на моменти архаичен, на моменти модерен, Диме Данов умешно го гради својот поетски свет. Во неговиот книжевен трем ни нуди зборови што претходно грижливо и внимателно ги подготвил во композиции што потсетуваат на кодирани откинати сеќавања од животот, остава клучеви-симболи што го одредуваат точното енергетско прелетување низ традицијата, неговите персонализирани обичаи и ритуали, патеките и маалото во кое растел, силните раце на дедо му, поповката и преминот, трансмиграцијата во сегашноста, во моментот сега и овде, каде што сѐ е поразлично. Овие скици за еден живот се огласуваат низ поетските канали на универзумот, неколебливо шумолат како нов извор во поетската планина, ова поетско писмо се лепи за грлото, формира посебно и уникатно чувство на спознаност и остава трага во нашето постоење“, вели поетот Митко Гогов за стихозбирката.

Диме Данов е роден во 1996 г. во Неготино. Негови песни се објавени во неколку печатени и електронски домашни книжевни списанија, како што се: ,,Допир“, ,,100 000 поети за промена“ (2019 и 2020), антологијата ,,Гласови на новиот век: панорама на поновата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2018), a во препев на српски јазик негови песни се објавени во „Рукописи 37“, во „Енклава“ и во седмиот број на „Блудни стих“.

Учествувал на повеќе поетски читања во земјата и во странство, како што се: ,,Астални проекции“ во Скопје, ,,Бесни песни“ во Лесковац, Србија и ,,Сто илјади поети за промена“ во Струмица.

Диме Данов е и фотограф и има освоено неколку значајни награди за фотографија.

Книгата е поддржана од Министарството за култура.