Промоција на книгата „Живот вреден за живеење“

Утре, 6-ти ноември, во 12:30 часот во МКЦ клуб ресторан ќе се промовира книгата „Живот вреден за живеење“, збирка од 15 лични приказни на родители, сестри и браќа на деца и млади со пречки во развојот.

Автори се Мимоза Петревска Георгиева, новинарката во Нова Македонија и Емилија Георгиевска Наневска, психолог, предавач на Универзитети во Мадрид, кои се мајки на девојчиња со посебни потреби. Креаторот на фотографиите е Драги Неделчевски од Тетово, татко на момче со церебрална парализа.

Книгата претставува пионерски потфат во споделувањето на личните искуства на семејствата чие секојдневие се потешкотиите и предизвиците кои ги носи живот со дете, брат или сестра со попреченост.

Делото опфаќа исповеди на членови на најтесното семејство за нивните најблиски со различни видови попречености (Даунов синдром, церебрална парализа, аутизам и други ретки болести), кои произлегуваат од различни социјални, верски и етнички контексти и ќе мотивира многумина во прифаќањето и споделувањето на нивните искуства. Книгата има и едукативен и терапевтски карактер.

„Живот вреден за живеење“ во издание на Или-Или ќе ја промовираат писателот Гоце Смилевски и психологот Каролина Костадиновска.