Промоција на книгата „Виенски гамбит“ на Анде Јанков

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје организира промоција на крими романот „Виенски гамбит“ од младиот македонски автор Анде Јанков.

Промоцијата ќе се одржи денеска на платото на МКЦ со почеток од 20 часот. На настанот ќе говори Денис Бојаров, автор, преведувач и лектор, а дискусијата ќе ја модерира Софија Стојков, одговорна за ПР и маркетинг во тимот на „Антолог“.

Анде Јанков е роден на 5 јуни 1988 година во Велес. Уште од најмала возраст покажува афинитет кон пишаниот збор, пишувајќи кратки раскази низ годините. Дипломира на Економскиот факултет во Скопје во 2013 година. Неговиот прв роман, „Едно лето на Крит“, кој излегува од печат во 2016 година во издание на „Култура“, е добитник на наградата „Романијада“. Живее и работи на релација Скопје–Штутгарт. Моментално го пишува својот трет роман.

Приказната го следи Виктор Николов, 33-годишен инспектор на Одделението за крвни деликти од Скопје. За време на својот летен одмор, заминува за Виена во посета кај својот помлад брат Даниел, пропаднат писател што одвај преживува работејќи како бармен во еден елитен ноќен клуб. Додека ја истражува неодоливата Виена, Виктор ја запознава Карен Фишер, Австријката со која истата вечер завршува во кревет.

Но, прекрасната ноќ се претвора во кошмарно утро. Девојката на Даниел е пронајдена мртва, а тој нема алиби. На површина излегуваат неодамнешните расправии меѓу нив и ситуацијата се заплеткува во неочекуван правец.

Може ли да му се верува на сопствениот брат, кој тврди дека е невин? И како да се повлече граница помеѓу кога главниот истражител што го гони твојот брат е жената со која си спиел пред неколку вечери?

Во согласност со препораките за организација на вакви настани, од „Антолог“ информираат дека ќе бидат испочитувани сите мерки за држење растојание, носење маски и дезинфекција.