Промоција на книгата „Тајно злато“ од Влада Урошевиќ

Во вторник (21 јуни) со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Магор“ ќе се одржи промоцијата на најновата поетска збирка на Влада Урошевиќ „Тајно злато“. Поздравната реч е на Владимир Јанковски, а промотори на изданието се профeсорите Ивица Џепароски и Владимир Мартиновски.

Книгата „Тајно злато“, појаснува Урошевиќ, настаната е од повеќекратните средби со книгите посветени на алхемијата.

„Ме возбудуваше одамна оваа таинствена дејност, негирана, отфрлана, обвинувана за измама, но која се јавувала во повеќе цивилизации (египетска, грчка, кинеска, индиска, арапска, средновековна европска) и која, наспроти сите оспорувања, истрајувала и продолжувала да ги фасцинира љубопитните умови од сите епохи. Особено ме привлекуваа ликовните сведоштва кои низ својата симболика сакале да ги дадат насоките на овие истражувања, но на еден начин кој би ја соопштувал својата тајна само на посветените. Подоцна ја открив заинтересираноста на длабинската психологија за алхемијата, теориите за присутноста на алхемичарските учења во многубројни дела на познатите сликари од минатите векови, како и фасцинираноста на надреалистите од суштината на енигмите што алхемичарите ги оставиле зад себе“, пишува Урошевиќ за книгата.

Влада Урошевиќ (1934) е македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Член на Македонската академија на науките и уметностите, на Европската поетска академија (Луксембург) и на Словенската академија на литературата и уметноста (Варна); надворешен член на САНУ (Белград) и дописен член на академијата „Маларме“ (Париз). Има докторат по филолошки науки; како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, држел курсеви по историја на европските литератури од деветнаесеттиот и дваесеттиот век.