Промоција на книгата „Радио“ од Љупчо Јолевски

Во четврток, 17 јануари, во склоп на Роденденот на уметноста во МКЦ, со почеток во 20:30 часот во сала Фросина ќе биде промовирана книгата „Радио“ на новинарот Љупчо Јолевски.

Книгата ја чинат повеќе од 730 страници и речиси толку фотографии илустрации. Книгата претставува субјективен избор на авторот од прилозите, односно текстовите пишувани и објавени за Радио Слободна Европа, програма на македонски јазик.

Поделена на неколку целини – музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија… преку информациите, најавите, разговорите, интервјуата, рецензиите, освртите… се обидува да понуди негово видување на македонската
култура во изминатава половина декада.

„Книгата „Радио“ е некаков сублимат на мојата новинарска работа во изминатава половина декада со избор на прилози, односно текстови што биле објавени за Радио Слободна Европа. Тој избор е ваков, а можеше и да биде многу поинаков. Со некои други творци или со истите, со нови заложби и проекти. Сепак една е мислата: белким вака токму овде и сега кога културата е речиси набркана од медиумите да се понуди барем ронка од она со кое треба само да се гордееме. Со нашите културни вишнеења, кои
говорат многу, неизмерно многу повеќе од сите празни зборови на политичарите, кои одамна безобзирно им го „украдоа шоуто на уметниците и ги дотераа до питачки стап“. Ги направија поданици на сопствената безобзирност свесни дека не им се рамни до глуждови. Затоа во ова „Радио“ ги нема политичките пајаци и нивните „итроштини“. Овде нема лажни и гнасни вести. Овде етерот е резервиран за творците. За творештвото. За вистинските вредности. За сите нас што веруваме, можеби и наивно, дека
убавината може да го спаси светот или можеби од нас да направи подобри луѓе“, објаснува Јолевски за неговата книга.

На промоцијата, покрај рецензентите Елизабета Баковска, Марко Коловски и Ана Франговска, соработниците Билјана Билбиловска (ликовно графичко решение) и Сашо Димоски (фотографија на насловната страница), публиката ќе има можност да ги проследи изведбите на актерот Игор Трпчевски, пијанистката Дуња Иванова, гитаристот Ибрахим Мехмети и перкусионистот Ратко Даутовски, Васко Атанасоски (БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА) и џез-панк-фанк-авангарда дружината СЕТСТАТ со диџејот, автор на текстови и пејач Мирко Попов.