Промоција на книгата „Пулсот и времето“ на Ана Јовковска

„Пулсот на времето“ е насловена монографската збирка на новинарката Ана Јовковска чија промоција е најавена за 9 јуни, во Клуб Ресторанот МКЦ.

Монографска збирка ја сочинуваат интервјуа со афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и дипломати. Станува збор за книжевна архива и креативна селекција на педесетина, од околу петстотини интервјуа на Јовковска реализирани во ТВ проектот „Пулс“ на ТВ Алфа. Книгата расветлува прашања од интердисциплинарен карактер, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината.

Промотори ќе бидат проф. Ферид Мухиќ, проф. Александар Прокопиев, Искра Гешоска и проф. Венко Андоновски.

За музиката на настанот задолжен ќе биде Костадин Шурбановски – Шурбе, а најавени се и неколку изненадувања во текот на промоцијата. Издавач е Силсонс – читачки клуб на Матица Македонска.

Ана Јовковска (1982) е новинарка, водителка, продуцентка, активистка и хуманистка.  Авторка е на над 1 000 ТВ интервјуа и текстови од областа на комуникологијата, креативните индустрии, родовите студии и филмот. Креаторка е на ТВ проектот „Пулс“, во кој го промислува и го анализира духот на времето и социо-културните феномени и ги артикулира интелектуалните ставови на мислечките луѓе во македонското општество. Пишува поезија и проза. Активизмот е нејзин начин на живот. Им помага на луѓето за да го оправда своето постоење.