Промоција на книгата „Песните на Орфеја“ од Хава Пинхас Коен

Промоцијата на поетската збирка на израелската поетеса Хава Пинхас Коен „Песните на Орфеја“ ќе се одржи во недела (10 јули), во кафе-книжарницата „Магор“. На промоцијата ќе биде присутна и авторката, која ќе допатува од Израел.

Творештвото на Хава Пинхас Коен главно е поттикнато и предизвикано од парадоксалната и неизбежна врска помеѓу љубовта и смртта, како две интензивни гранични искуства. Тематско-мотивскиот комплекс Ерос-Танатос нагласено ја бои поезијата на Хава Пинхас Коен, особено по прераната смрт на нејзиниот сакан сопруг Јоси, во 1999 година. Отаде, една од нејзините книги, според која е насловен и овој поетски избор на македонски јазик, е наречена токму „Песните на Орфеја“ – низ кои провејуваат навистина потресни (но, не и патетично пренасилени) лирски сведоштва за нерамноправната битка со смртта, што ја води лирскиот субјект во непомирливите обиди одново да го истргне и да го врати од смртта својот сакан маж.

Лирското писмо на Хава Пинхас Коен останува навистина животворно, будно отворено, приемчиво и расположено кон облиците на страста, кон еротизмот како дополнителен признак и посветеност кон животот како сетилна гозба и асоцијативно патување – аџилак. Хава Пинхас Коен не се расфрла со зборовите и со нив постапува економично, оти воопшто не игра на картата на реторичкото изобилство. Приоритетот на овие песни лежи другаде – во смелиот мегдан со егзистенцијалните суштини и граничните искуства, што претставуваат универзален клуч и онтолошки предназначен предизвик на секој човек и секоја жена.

Хава Пинхас Коен е авторка на осум книги поезија и добитничка на повеќе престижни национални награди за поезија, професорка по литература и уметност, основачка и главна уредничка на литературното списание „Димуи“ (од 1990 година), како и уметничка директорка на поетскиот фестивал „Кисуфим“ , преведувачка и колумнистка.

Промотор е Елизабета Шелева, која е и преведувач на изданието, а свое обраќање на промоцијата ќе има и амбасадорот на Израел, Н.Е. Дан Оријан. Настанот започнува во 20 часот.