Промоција на книгата „Паралел“ од Верица Ацеска вечер во холот на МКЦ

Во холот на МКЦ вечерва (7 октомври) од 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Паралел“ на Верица Ацеска

На настанот е најавено дека ќе настпат Ана Стојаноска, Филип Трајковиќ, Никола Настоски, Јована Спасиќ, Марија Илијоска, Христина Цветаноска, Емилија Мицевска Трајковиќ, Никола Ацески и Верица Ацеска.

Ана Стојаноска вели дека втората книга на авторката Верица Ацеска повторно носи езотеричен наслов „Паралел“, и повторно, како и во првата „19“, насловот сугерира многу различни потенцијали, но, впечатливо ја крие својата содржина.

„Напишана поблизу до стилските експресии на филмските автори, фокусирана на човечките судбини, притоа водејќи се од линијата на тоа дека светот функционира според одредени правила во таканаречената ‘божја компензација’, оваа книга (роман, новела, сторија) пред нас како читатели прикажува неколку денешни/современи ликови, напишани според животните случувања како директни, живи, релјефни партитури, што многу ретко се сретнуваат низ нашата книжевна практика. ‘Паралел’ е животна приказна, каква што се случува околу нас, нам или на луѓето што ги знаеме, која се обидува сите оние проблематични карактерни особини „да ги оправда“ со позадинската приказна, токму онака како што е тоа и во животот. Напишана без осудување, без директно заземање за одредена судбина, без конкретно наративно водење, туку искрено, изворно, внимателно и остро прецизно со директни релации, какви што милуваат сериозните филмски наративи, оваа книга е новина, свежина, насушна за денешните читатели. Истовремено силна психолошки, но непретенциозна, современа и директна, втората книга на Верица Ацеска покажува дека македонската книжевност има потреба од вакви автори“, пишува проф. д-р. Ана Стојаноска.