Промоција на книгата „Модри фантазии“ од Снежана Стојчевска

Промоцијата на новата поетска збирка на Снежана Стојчевска насловена „Модри фантазии“ ќе се одржи во понеделник (16 март) во Планетариумот на МКЦ со почеток во 20 часот.

Книгата која е во издание на „Темплум“, ќе биде претставена преку поетски перформанс во кој учествуваат Николина Андова Шопова, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески, Елена Митреска, Даниел Карески, Владимир Мартиновски и Перо Сарџоски.

Стојчевска е дипломирана на Институтот за Педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“, издание на ИЛИ-ИЛИ како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник.

„Модри фантазии“ е нејзина трета книга поезија. Таа за нејзиното второ дело „Под нулата“ ја доби наградата „Бели мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје.