Промоција на книгата „Манчевски: Пет есеи“ на 1 февруари во „Лабораториум“

На 1 февруари во Едукативниот културен центар „Лабораториум“ од 19 часот ќе се одржат два настани во чијшто фокус е творештвото на Милчо Манчевски, најави Филозофското друштво на Македонија (ФДМ).

На почетокот ќе биде промовирана публикацијата „Манчевски: Пет есеи“ во издание на ФДМ.

„Двојазичното издание Манчевски: Пет есеи (трета книга во едицијата Филмософија) ќе биде промовирано од проф. д-р Ана Димишковска, а делови од есеите ќе читаат актерите: Никола Ристески и Елена Кузманов. Книгата се состои од пет есеи (и нивен корелат на англиски јазик), коишто се пишувани во период од 1994 па сè до 2022 година. Автор на предговорот е проф. д-р Иван Џепароски, додека дизајнот на корицата е на Катерина Тери Николовска. Манчевски, во континуитет, низ целото негово творештво, покрај креирањето на филмски дела, преку есеистичкиот формат се запрашува и за нашата длабока потреба од раскажување и споделување приказни, за природата на вистината и за дистинкцијата вистина-прикаска во филмот (играното и документарното), за дијалогот на авторот со уметничкото дело, за насилството во уметноста, за проблемот на претставувањето, т.е. односот уметност-стварност, но и за хуманизмот којшто лежи во центарот на самата уметност – теми коишто го предизвикуваат нашиот однос, не само кон уметноста, туку и кон светот, и покажуваат една подлабока потреба на авторот, не само од творење, туку и од постојано бидување во дијалог со својата уметничка пракса. И токму овој дијалог, централен и за филозофијата, е она што го ситуира ова дело на пресекот меѓу филозофијата и филмот, меѓу естетиката и уметничката пракса, посочувајќи ја неговата важност при секое чинење уметност и размислување за неа“, се вели во најавата за настанот.

По промоцијата на книгата, најавена е и проекција на неговиот филм петти филм, снимен во Њујорк „Бикини мун“.

„Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм-во-филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана… Филмот го отвора прашањето и го испитува начинот на кој гледаме на светот преку медиумите кои изискуваат да се гледаат како реалност, притоа поставувајќи ги непријатните прашања за често експлоататорскиот однос помеѓу медиумите и неговите субјекти…“, се посочува во најавата.