Промоција на книгата (КАЛЕИДО)СКОПСКИ ШЕМИ од Љубомир Грбевски

Книгата (КАЛЕИДО)СКОПСКИ ШЕМИ од Љубомир Грбевски во издание на „Авант прес“ ќе биде промовирана вo петок (06.11.2020) во ресторанот „Пелистер“ со почеток во 11 часот. При промоцијата ќе се запазат сите мерки за заштита и протоколи за заштита од Ковид-19, пропишани од Владата на РСМ.

Промотори на книгата ќе бидат Ѕвездан Георгиевски и Александар Прокопиев, а за музичката придружба ќе се погрижи македонскиот кантавтор Јаков Дренковски, додека пак глумицата Елизабета Клинчаревска Младеновска ќе чита дел од стиховите од новата книга на Љубомир Грбевски.

Книгата – Џери за тинејџери: (КАЛЕИДО)СКОПСКИ ШЕМИ (улични легенди и урбани песни удобни како чевли тесни) – е петта книга на Љубомир Грбевски, со кој тој се навраќа на својта првобитна форма, пишување на песни кои се наменети за тинејџерската публика.

„Воопшто не е лесно во себе да се пронајде логиката на детското и тинејџерското размислување, она што повеќето од нас, се чини, трајно го имаат загубено. Но, авторот не само што успешно се справува со овој предизвик, туку оди и подалеку. Тој не го поставува во преден план сопственото тинејџерско искуство, како што тоа обично го прават авторите во оваа област, туку се идентификува со сегашните тинејџери“, вели Ѕвездан Георгиевски во својата рецензија.

Љубомир Грбевски е познат како новинар и музички критичар, пред сè е познат по написи и рецензии за македонската и светската рок и џез музика. Покрај новинарската активност, пишува и белетристика, рок поезија, како и песни и драмски текстови за урбана тинејџерска популација. Збирката „Стихови празни и рими безобразни“ – антипесни тинејџери, е негова дебитантска книга која доживеа две изданија (1991 и 1992), книгата (Хоро)скопски шеми во печат се појавува 2009. Во 2016 година излегува неговата книга Бајки тралалајки за „урбани клинци и напредни мајки“, а во 2019 книгата „Лет со умот, кон папокот на Универзумот“.

Неговата пиеса „Сликата на Доријан Змеј“ е влезена во Антологија на драмски текстови за деца и млади во 2013, а пак бајката „Мал крал“ е влезена во Антологијата на македонски авторски бајки. Неговата, пиеса „Како шутот доби на дар, работно место да стане цар“ е снимена како радиодрама во 2018 година. Во светот на македонската рок музика е познат како автор на либретото на првата македонска рок-опера „Житието на сликарот“ (1981) и како автор на полчасовната рок- поема „Седумте пеења на пророкот“ (2012). Се јавува и како текстописец на над седумдесетина текстови за рок композиции. На манифестацијата „12 Величествени“ во 1992 прогласен е за текстописец на годината.