Промоција на книгата „Дрво кое шепоти“ од Борис Митковски

Промоцијата на хаику-збирката „Дрво кое шепоти“ од Борис Митковски,  ќе се одржи вечерва (14 јули), во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Промотори на делото ќе бидат д-р Џеси Франсуа, теолог на Сорбона, и Душко Крстевски, поет и литературен критичар.

„Дрво кое шепоти“ е втора стихозбирка на Борис Митковски и се состои од 150 хаику-творби.

„Сите негови хаику-творби се всушност – богојавление, мал миг во кој срцето и умот го созерцуваат Бога, стануваат свесни за поврзаноста на нештата и за Оној кој ги создал. Во хаику-творбите на Митковски, во навидум неповрзаните слики, се бара Он… Сè на сè, станува збор за интересна мутација на изворната хаику-структура и нејзино културно прекодирање во кодовите на христијанството“, пишува во рецензијата кон книгата писателот Венко Андоновски.

Борис Митковски е роден во 1976 година во Куманово. Завршил Теолошки факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во В. Трново, Бугарија, a постдипломски студии на „American Heritage University of South California“, насока бизнис-администрација. Поезијата го интересира уште од средношколски денови, особено хаику. Работел и во Авганистан, каде што и се инспирирал да ги напише стихозбирките Патот (2013) и Дрво кое шепоти (2015).

Со овој настан ќе заврши и тродневниот саем на книга во Куманово, во организиција на „Антолог“ и библиотеката „Тане Георгиевски“ од Куманово.