Промоција на книгата „111 тези за ГТЦ“

Во четврток (23 април), во Мобилната/монтажна галерија на Центарот за современи уметности кај Паркот на франкофонијата во Скопје, со почеток од 12 часот ќе се одржи промоција на книгата „111 тези за ГТЦ“, уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски.

Публикацијата ќе ја промовираат нејзините уредници и професорот и архитект Мартин Гулески. Книгата е издадена од Здружението за култура и уметност Факултет за работи што не се учат (ФРУ).

„111 тези за ГТЦ“ е создадена од стручни мислења за значењето на овој објект поставени во 11 тези од вкупно 11 значајни мислители на современата архитектонска сцена во земјава (двајца заедно пишуваат 11 тези) и е едитирана со помош на сите учесници и со модераторот на дискусијата. Во книгата се застапени текстови и размислувања од архитектите Минас Бакалчев, Доминика Бошкова, Јасна Стефановска, Ана Ивановска – Дескова, Михајло Зиноски, Дејан Ивановски, Мишко Ралев, Даница Павловска, историчарите на уметност Донка Барџиева – Трајковска и Никола Писарев, како и антропологот Горан Јанев.

„Насловот „111 тези за ГТЦ“ е директна референца на книгата „111 тези за архитектурата“ на Борис Чипан и симболичен чин, потсетувајќи на некои вредности коишто не само што се забораваат по природен пат, туку и намерно се бришат преку препокривање со нови, непознати и еклектични стилови, без никаква уметничка вредност“, велат авторите на публикацијата.

Тие сметаат дека преку исчитувањето на зградата на Градски трговски центар, се стимулира обид одново да се потенцира, преиспита и да и се понуди заштита на нејзиното несомнено културoлошко, општествено и уметничко значење, коешто во последните години има за цел да се избрише, буквално и физички од македонската култура, со интенцијата за нејзино, речиси варварско покривање со „барокна“ фасада. Поради тоа, авторите сметаат дека читањето на ГТЦ како книга е обид за оживување на неговата пред сé општествена но и уметничка вредност.