Промоција на „Југославија моја дежела“ на Горан Војновиќ

Во среда, во кафулето „Ла кања” во Старата скопска чаршија, ќе биде промовирана книгата „Југославија моја дежела” на словенечкиот писател Горан Војновиќ. Изданието е на „Или или”, а промотори на книгата се Румена Бужаровска и Ѕвездан Георгиевски.

„Со својот препознатлив стил, остриот и жив јазик, со умешното и луцидно раскажување Војновиќ во романот „Југославија, моја дежела“ ги демитологизира Балканот и Југославија и на новите генерации им овозможува еден поширок и понепосреден поглед на она што се случуваше во војните на деведесеттите години на минатиот век на просторите на некогашната заедница. „Југославија, моја дежела“ го поставува прашањето на смислата на сите војни, прашањето на злото, на вината, прашањето на односот татко-син, како и прашањето дали злосторствата може да се оправдаат и дали децата треба да ги плаќаат гревовите на своите родители“, се вели во описот на настанот.

Војновиќ (1980, Љубљана) е режисер, писател и колумнист. Автор е на романите: „Јужњаци, надвор!“ (2008) и „Југославија, моја дежела“ (2012), за кои ја добива престижната „Кресникова награда”, а годинава е актуелен со новиот роман насловен „Смоква“ (2016).  Според романот „Југославија, моја дежела“ поставена е и истоимената претстава во изведба на Словенско младинско гледалишче.