Промоција на „Искра“ од Анастасија Младеновска

Вечерва, со почеток од 19 часот во МКЦ (сала Фросина) ќе се одржи промоција на романот „Искра“ од 16-годишната авторка Анастасија Младеновска.

„Долго време размислував што ќе биде најсоодветно да напишам за овој, за нашето поднебје, пионерски потфат, во кој младата авторка, Анастасија Младеновска (16 години), отворено ја раскажува драматичната приказна за своето детство во сенката на и директно и посредно преживеаното семејно насилство. Во македонската книжевност ова е еден редок обид од прво лице да се проговори за траумата што ја остава родово-базираното насилство и горките последици не само по оние врз кои е насочено, туку и врз останатите беспомошни сведоци, придружено со немото прифаќање и нормализирање на насилството.
Можеби поради тоа што младоста по природа е храбра, авторката не се плаши да ги разголи своите најинтимни размислувања, ниту пак да пишува за некои од најтрагичните детали од својата приказна, во еден исклучително тежок самостоен обид да ја отвори, исчисти и стерилизира раната, за да го спречи нејзиното понатамошно инфицирање“, пишува Ана Василева во освртот на книгата.