Во киното „Фросина“ во МКЦ на 8 октомври ќе биде промовирана книгата „Филмски град“ на Игор Анѓелков, во рамки на Меѓународниот фестивал на дебитантски филмови „Киненова“.
„Филмски град“ е втора книга од серијалот филмски четива посветени на домашната и светската филмска уметност. Излезе за време на скопскиот „Саем на книга“ во мај годинава, и по добриот интерес, Анѓелков смета дека треба да се промовира наесен, таман текстовите да им „легнат“ на читателите, а оние кои се’ уште не ја купиле книгата, самата промоција да биде провокација да посакаат да ја имаат во својата домашна библиотека.
„Одржувањето на ‘Киненова“ во октомври и мојата замисла совршено се споија, башка што добив и благородна улога да бидам програмски селектор на ова издание, па така сите коцки фино се наредија. Оливера Ќорвезироска како проследувач на моето писмо, што прозно – што филмско, секако дека беше прв избор за промотор на книгата, а вториот природно се надоврза откако еден ден во книжарницата ИЛИ-ИЛИ влезе почитуваниот професор Стефан Сидовски, и со пофални зборови направи осврт кон ‘Филмски град’, четиво кое поради својата еклектичност многу му се допаднало“, вели авторот Анѓелков.
Рецензентот Ќорвезироска за Игор Анѓелков вели дека е еден од ретките поинакви проследувачи на филмот кај нас, со осврти во кои вградувајќи ги сето свое знаење и љубов кон Седмата уметност, речиси секогаш вклучува и еден вид книжевен дискурс збогатен со парчиња од интимното животно искуство. Токму во ваквиот микс на книжевното и филмското писмо, вели таа, Анѓелков си го изгради својот препознатлив творечки ракопис со се’ појасно и повидливо место на нашата културна сцена.
„Двете нишки во неговото писмо не си одземаат ништо едната на другата, напротив, постојано си додаваат, затоа што никогаш немаат натпреварувачки однос. Примарниот интерес секогаш е јасен и прецизен, а поддршката од секундарниот е само продлабочување на аспектот, препознатлив личен авторски белег. Нивните позиции се менуваат од наслов во наслов на Анѓелков, во зависност од тоа дали издава публицистичка, есеистичка, критичка книга или белетристичка (раскази, романи). Хибридниот интерес на Анѓелков спонтано се движел и кон хибридизација на стилот, делумно и на жанрот на негово писмо. Затоа сето ова изгледа толку автентично. Кога писателот сака филм, а филмаџијата книжевност, настануваат книги како ‘Филмски град’ – сериозна филмска студија со фина книжевна сенка на стручните, компетентни реченици“, пишува Ќорвезироска.