Промоција на филмот „Кон правдата“ и дебата за политичката дискриминација

Утре (вторник, 9 декември) во 11:00 часот во клубот ГЕМ (Менада) во Старата скопска чаршија, во пресрет на Меѓународниот ден за човекови права, 10 декември, Хелсиншкиот комитет организира промоција на документарниот филм „Кон правдата“ на авторите Љубиша Арсиќ и Жарко Настоски, кој се однесува на дискриминацијата врз основа на политичка припадност во македонското општество.

Во него се прикажани случаи на жртви на дискриминација, од кои дел се обратиле за правна помош до Хелсиншкиот комитет. Во документарниот филм, покрај жртвите, за состојбата со дискриминацијата врз основа на политичка припадност говорат и претставници на надлежните институции за заштита од дискриминација – Душко Миновски, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, Наташа Габер-Дамјановска, судија на Уставен суд, Санде Зиков, судија во Основниот суд Скопје 2, Мирјана Лазаровска Трајковска – судија во Европскиот суд за човекови права и други истакнати експерти и активисти кои работат во областа на дискриминацијата.

Презентацијата на филмот ќе биде проследена со дебата на тема „Можат ли граѓаните да очекуваат ефикасна заштита од институциите за дискриминација по основ на политичка припадност?“, во која ќе учествуваат и универзитетскиот професор Гордан Калајџиев и извршната директорка на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска. Модераторка ќе биде Неда Чаловска.