Промоција на „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска, добитник на наградата „Тодор Чаловски“

Вечерва, во 20 часот во Јавна соба, ќе се одржи мултимедијална промоција на поетската книга „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска.

Двојазичното, македонско-англиско, издание на книгата „Црни дупки во нас“ е издадено од страна на Здружението за литература, култура и уметност  Галикул, како резултат на наградата „Тодор Чаловски“ (2015) која е признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми за млад автор од Македонија.

Наградата е основана во 2015 година и се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015).

Марта Маркоска досега има објавено осум авторски книги. Покрај горенаведената книга, во нејзиниот опус се вбројуваат и „Црни дупки во нас“ (прво издание, 2014, награда „Бели Мугри“), поетските книги: „Стрмоглаво кон височините“ (второ издание, 2013), „Стрмоглаво кон височините“ (прво издание, 2012) и „Сите притоки се слеваат во моето корито“ (поезија, „Темплум“, Скопје, 2009). Книгата раскази „Вител во Витлеем“ (2010), книги есеи и студии: „Култура и меморија“ (2014), „Расправа за Зен будизмот: религиско-филозофски трансценденции помеѓу источната и западната мисла“ (2013), и „Хипер хипотези“ (2011).

Книгата „Црни дупки во нас“ беше презентирана и промовирана во рамки на 22-та Галичка книжевна колонија, а есенва беше претставена и на поетски фестивали во Романија, Бугарија и Турција. Книгата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија од програмата за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2016 година како и од Град Скопје.