Промоција на албумот „Скомраси Апсурдистански“ на Горан Трајкоски

На 20.04.2019 (сабота), со почеток од 19 часот, во просториите на Пасворд Продукција ќе се одржи промоција на „Скомраси Апсурдистански“, албум на Горан Трајкоски со оригинална музика за филмот „Ругање со Христос“.

На настанот по промотивна цена ќе може да се набави и ЦД од албумот на кој се најдоа 12 оригинални песни создадени за филмот на Јани Бојаџи. Дел од нив посетителите ќе можат да ги слушнат во живо, а со Горан Трајковски ќе свират Петар Христов, Ана Митоска, Мите Димовски, Игор Василев, Благоја Неделковски и Сеад-Сецко Хаџиќ.

Влезот е бесплатен.

„Скомраси Апсурдистански“ е трет соло проект на Трајкоски, а зад себе има и 12 изданија со други музичари и бендови. Горан Трајкоски е македонски композитор на театарска и филмска музика, но и инструменталист, вокален интерпретатор, основач и композитор во рок групите „Падот на Византија“, и „Анастасија“, како и соработник на неколку дискографски изданија и бројни јавни настапи во Македонија и низ Европа на повеќе групи и музичари меѓу кои: „Мизар“, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александер Вељанов, Deine Lakaien, Mooger Fooger.

Студирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а музички се образовал во училиштето на Пеце Атанасовски како и преку соработка и менторство на врвните народни уметници на полето на Македонскиот фолклорен звук: Вања Лазарова и Никола Цветковски. Под менторство на отец Владимир и отец Стефан Санџакоски, како и при престоите во духовните манастирски центри во Македонија и регионов, Горан го совладал и традиционалното источно и македонско црковно пеење.

Својата кариера во компонирање на театарска и филмска музика Горан ја започнува во 1989 година со претставата Емигранти од С. Мрожек во режија на В. Цветановски. Оттогаш компонирал музика за повеќе од 100 театарски претстави и филмови во и надвор од Македонија, а денес работи како композитор во Македонскиот Народен Театар.