Пролонгиран рокот за продолжување на важноста на студентскиот билет за бесплатен превоз во ЈСП

Рокот за продолжување на важноста на студентскиот билет за бесплатен превоз во ЈСП е пролонгиран до 31 март, информираа од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје преку нивната Фејсбук страница.

До овој термин, сите студенти кои ги исполнуваат условите за стекнување на правото на годишен студентски билет за бесплатно користење на јавниот превоз, а кои не го продолжиле од било која причина, од ЈСП велат дека можат бесплатно да го користат превозот, а притоа да ја поседуваат картичката „Скопска“, која имаат обврска да ја приложат при евентуална контрола на билети во автобусите.

„Студентите немаат обврска да се валидираат во возилото, а контролорите не смеат да им издадат записник/казна. Од 1 април, секој студент кој ги исполнува условите за посочениот тип на билет, а истиот не го заверил/продолжил, во случај на контрола ќе добие казна, доколку евентуално не поседува друг тип на билет, уредно валидиран“, информираат од претпријатието.

📢ДО 31 МАРТ Е ПРОДОЛЖЕН РОКОТ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА СТУДЕНТСКИОТ БИЛЕТ ЗА БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ🚌

❗Почитувани…

Posted by JSP Skopje (ЈСП Скопје) on Thursday, February 25, 2021

Од ЈСП посочуваат дека повторно излегле во пресрет на барањето на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои, како што велат, по втор пат побарале продолжување на рокот за продолжување на важноста на студентскиот билет поради ситуацијата со Ковид-19.

Истовремено, тие велат дека со цел да избегнат поголеми групирања на локациите каде се проодлжува важноста на студентскиот и друг тип билети, тие овозможиле продолжување да започне два месеци порано од вообичаеното, односно од почетокот на ноември, минатата година.

Инаку, претходниот рок за продолжување на студентските билети беше до 28 февруари.