Програмата за образование на Ромите ги поттикна промените

Програмата на образование на Ромите во изминатите десет години им помогна на илјадници млади Роми во земјава да ги надминати потешкотиите поврзани со дискриминацијата и нееднаквиот пристап до образование и да станат ценети професионалци кои иницираат промени во општеството, заклучија говорниците на завршниот настан од десетгодишната Програма на УСАИД, спроведена од Фондацијата Отворено општество Македонија во соработка со детската фондација Песталоци од Швајцарија и Ромскиот образовен фонд од Будимпешта.

Програмата за образование на Ромите ги поттикна промените

На настанот насловен „Десет години подоцна: промените зад бројките“, говореа директорката на Програмата, Споменка Лазаревска, амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс, како и директорот на Управа за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците Реџеп Али Чупи, кој е некогашен стипендист на Програмата. 

„Им се радувам и ги очекувам вашите постигнувања како докажани професионалци во вашите области, како лидери на промените во ова општество“, им порача амбасадорот Волерс на присутните ученици и студенти, дипломци и поранешни стипендисти на Програмата.

„Програмата помогна многу средношколци и студенти Роми денеска да бидат проактивни индивидуи во македонското мултикултурно општество и истите тие да придонесуваат за развојот на тоа општество“, рече Реџеп Али Чупи.

Од 2004 година до денес, вкупно 298 средношколци и 89 студенти Роми завршија средно образование и универзитет со стипендии и поддршка на УСАИД. Преку 450 наставници од проектните основни училишта и 156 средношколски наставници добија обука од различни области на образованието, за социјална правда и интерактивни наставни методи.

Долгогодишната Програма ги  интегрираше родителите на учениците и стидентите Роми, обезбеди обука за наставниците и техничка помош за седум основни училишта во Скопје, Куманово и Прилеп, секојдневна дополнителна образовна поддршка за предучилишните деца и за основците вклучени во проектот, како и стипендии, менторство/туторство и дополнителна акдемска поддршка за средношколците и студентите Роми. Како резултат на успешната примена на активностите од Програматам, Министерството за образование и наука целосно го презеде стипендирањето и менторирањето на средношколците Роми низ државава.

Ж.Н.