Програма за Таксират 15 – Заедно да го превртиме Скопје наопаку

Фестивалот Таксират на 28 декември во „Метрополис Арена“ во Скопје го најавува своето 15-то јубилејно издание, а под мотото „Заедно да го превртиме Скопје наопаку“.

Програма за Таксират 15 - Заедно да го превртиме Скопје наопакуВо рамките на фестивалот, на главната вечер ќе настапат 12 артисти во две хали.  Организаторите најавуваат одлично  фестивалско искуство, позитивна енергија и извонредни концертни настапи за крај на годината.

„Програмата, грижливо селектирана во духот на Таксират, вклучува еминентни претставници на различни музички стилови од светската, регионалната и домашната музичка сцена. Со сигурност можеме да кажеме дека заедничка карактеристика на артистите задолжени за уште едно незаборавно издание на фестивалот, е нивната препознатливост по исклучително добрите настапи во живо. На наше особено задоволство, поголемиот дел од нив првпат доаѓаат со настап пред македонската публика“, велат организаторите.

На годинешното издание на Таксират, на главната бина во „Метрополис Арена“ ќе настапат: панк рок иконите The Exploited, импресивниот и моќен ска панк бенд The Locos, еден од најдобрите балкански бендови Дубиоза Колектив, легендарниот рокенрол бенд Мајке, предводниците на регионалната инди сцена Bernays Propaganda, српскиот хип хоп феномен Београдски Синдикат.

Во втората хала пак, на денс стејџот настапуваат великанот на детроитската техно сцена Carl Craig, лидерот на хаус музиката Dennis Ferrer и едни од најдокажаните хип-хоп артисти на домашната сцена, ЛД Пистолеро и Гоце (САФ).

Програмата на фестивалот е збогатена со уште две имиња од домашната сцена: диџејот и продуцент Самоил  Радински и панк групата Лоши Деца.

Влезниците по промотивна цена од 450 денари може да се  набават на сите продажни места во мрежата на МКтикетс.