Програма за „Скопје Пивофест 2019“

Стадионот АРМ во Скопје наредните неколку денови повторно ќе биде домаќин на музичката програма на овогодинешниот фестивал на „Скопје Пивофест 2019“.

Повеќе од 15 артисти и групи од домашната и регионалната музичка сцена ќе ја забавуваат публиката во периодот од 12 до 15 септември, проследени со повеќе од 60 видови на пиво.

Вечерната програма е мешавина главно од домашни и регионални артисти, поискусни имиња, но и млади алтернативни бендови. На бината ќе се качат Кирил Џајковски, Горан Трајковски, Чиста Околина, С.А.Р.С., МВР СВР, Баилдса, Ван Гог, Палиндром, Кепурдат, Конкверинг лајн, Зи Бомб, Лет 3, Паркети…

Покрај главната сцена, оваа година на фестивалот ќе биде додадена и „silent disco“ сцена на која посетителите ќе можат, со помош на слушалки, да уживаат во некој од понудените жанрови. Оваа сцена ќе започне во 22 часот и ќе трае се до доцните ноќни часови.

Првите три дена од фестивалот, пред почетокот на музичката програма, ќе бидат резервирани неколку часа за актуелното европско првенство во одбојка. На него годинава за прв пат настапува и нашата земја, чии натпревари во текот на овие денови ќе се следат на видео бим поставен во стадионот.

Вратите на фестивалот ќе бидат отворени веќе во 17 часот. Натпреварите од европското првенство започнуваат во 17:30, а музичката програма во 20 часот. Влезот е бесплатен.