Програма за првиот Skopje Cinema City 2015

Фестивалот на музички доументарни филмови – Skopje Cinema City ја соопшти програмата за своето прво издание под мотото „Филмови, музика и вино“, како дел од манифестацијата „Скопско лето 2015“.

Од 1. до 5. јули 2015, во просторот на Сули Ан (Факултетот за ликовни уметности) во Старата скопска чаршија, ќе бидат прикажани 13 музички документарни филмови од домашна и од странска продукција.

Фестивалот ќе биде свечено отворен со изложба на фотографии со Дејвид Боуви, во присуство на авторот, британскиот фотограф Брајан Рашиќ.

Организаторите соопштуваат дека фестивалот секоја година ќе има различна земја-партнер. Годинава тоа е Германија и со поддршка на Германската амбасада, во Скопје пристигнува и режисерот Ули Шупел, авторот на „Nick Cave – The Road to God Knows Where” (Ник Кејв – Патот до Господ знае каде).

Покрај филмската програма, во рамки на фестивалот на 2, 3 и 4 јули во кафе-барот „Менада“ ќе бидат организирани и работилници, предавања и мастер-часови поврзани со филмската музика, музичката продукција и културниот менаџмент.

Цената на влезниците за отворањето на фестивалот (01.07) изнесува 100 денари. За останатите фестивалски вечери влезница за проекциите е 50 денари. Влезот на работилниците и музичките настани во Менада е слободен.