Програма за активностите на четирите автономни зони

Откако вчера студентите од Архитектонскиот факултет го проширија студентскиот фронт и на својот факултет, веднаш почнаа со спроведување на активностите од културно-образовната програма. Тие првиот ден од окупацијата ќе го започнат со локален пленум од 12 часот, по што следува предавање/проекција на документарниот филм за школата Баухаус на проф. Елизабета Касапова со почеток ок 13 часот.

Од 16:30 часот ќе започне работилницата за техника колаж со проф. Елизабета Аврамовска и за сите учесници во работилницата се потребни скалпери, лепаци и материјали за колажите.

Во 19:00 часот ќе се одржи предавање „Right under your Nose“ на Владо Данаилов и Стивен Брукхоф, а вечерта ќе ја завршат со музика.

Во автономната зона на Машински и ФЕИТ каде веќе осум дена трае студентската окупација, од 12:00 часот ќе се одржи работилница на тема ,,Презентација на студентски проект“. Потоа, од 14:00 часот следува предавањето за ,,Говорни технологии”, а од 16 часот Астрономско друштво ќе одржи предавање на тема „Наша археоастрономија“.

Исто така, во рамки на програмата, со почеток од 17 часот ќе се одржи работилница за ,,Вовед во Solidworks”, потоа од 18:00 часот за “neoCloud повеќе од VPS(Virtual Private Server) – употреба и напредни функции” ;
со предавачите Јане Антов (neoCloud Проект Менаџер) и Филип Икоманов (neoCloud поддршка).

Вечерта, студентите ќе ја завршат со музиката на DJ UX.

Битолските студенти пак, два дена откако го окупираа Техничкиот факултет почнаа со спроведување на активности како дебати, проекции и алтернативни предавања. Но, за разлика од останатите автономни зони тие денот ќе го започнат со DJ сет, по што ќе следува изложба на Никола Славевски, а од 17 часот ќе се одржи предавање на тема „Бела ружа и отпор против нацизам“.

Од 18 часот ќе се одржи предавање на тема „Основи на либертаријанизам“, а вечерта ќе заврши со проекција на филмот „Trainspotting“.

Во окупираната зграда на Филозофски/Филолошкиот факултет, од каде и започна формирањето на автономни зони и на други факултети, утре ќе се одржи програмата за деветиот ден. Во неа, од 12 часот Ана Чупеска и Ангелина Петковска ќе одржат предавање за „Слобода во уметноста, науката и политиката” во амфитеатар А3.

Од 14 часот Анастас Вангели ќе зборува на тема „(не) Демократијата, во 16 часот ќе се претстави Amber Virga, а од 17 Милош Б. Андоновски ќе предава на тема „Од игра до емпатија”. Во 18 часот пак, ќе се одржи информативно предавање за Еразмус + програмата, а од 20 часот Димитар Банов ќе зборува за „Патос” – главна инспирација на македонската кинематографија“.

Покрај автономните зони и Правниот факултет „Јустинијан Први“ започна со одржување алтернативни предавања. Денеска, од 14 часот ќе предава м-р Ана Чупеска на тема „Агонизам и антагонизација – Конфликт како составен дел од политичкиот живот“.