Програма на Кинотека за март

Кинотека на Република Македонија ја претстави програмата за филмовте кои ќе се прикажуваат во март. Како што се вели во официјалниот фејсбук настан, март е традиционално задолжен за претставување на италијанската кинематографија како и на филмови кои потекнуваат од групата земји кои ѝ припаѓаат на франкофонијата како и филмовите за женските права, кои гравитираат кон 8 Март – еднаш во годината – традиционално и типично балкански.

Новитет во овој месец е циклусот посветен на современиот европски филм. Имено, Кинотеката секогаш посветувала внимание на европскиот филм. На пример, овој месец, освен МАМА на Ксавиер Долан, сите филмови се европски.

Во прилог е целата програма на Кинотека:

1 март ( недела) 20.00 ч.
3 март ( вторник) 20.00 ч.
ДУХОТ НА БАБА ИЛОНКА
(Duh babe Ilonke)
Игран филм, Хрватска / Македонија / Австрија
2011 г., 90 мин., колор, ДВД
Режија: Томислав Жаја ( Tomislav Žaja)
Сценарио: Ирена Крчелиќ (Irena Krčelić)
Улоги: Ракан Рушаидат, Сабина Ајрула, Марин Арман Грбин, Селма Ибрахими (Rakan Rushaidat, Sabina Ajrula, Marin Arman Grbin, Selma Ibrahimi)
Урбано ромско семејство живее во предградието на голем град: таткото Храст (34), мајката Аска (33), нивната ќерка Мануша (9) и бабата Илонка (55), мајка на Аска, добро позната гатачка. Одеднаш, баба Илонка умира, Аска е отпуштена од работа, додека Храст го губи слухот и е отпуштен од оркестарот за погреби, во кој бил трубач. Семејството ги губи сите извори на приходи. Поради тоа, отсечени им се електричната енергија и телефонот, а Аска безволно се нафрла на клиентите на својата мајка и им предвидува среќа, додека безуспешно испраќа барања за каква било работа. Мануша не сака да оди на училиште, затоа што другите деца не ја прифаќаат…

ВО СЕЌАВАЊЕ НА ЉУБЕ ПЕТКОВСКИ

4 март (среда) 20.00 ч.
ВРЕМЕ БЕЗ ВОЈНА
Игран филм, Македонија
1969 г., 80 мин., црно-бел, 35 мм
Режија: Бранко Ивановски Гапо
Сценарио: Симон Дракул
Улоги: Слободан Димитриевиќ, Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Кирил Ќортошев, Неда Арнериќ, Шишман Ангеловски
Фидан е млад човек кој живее и работи во градот. Неговиот татко Дичо, селанец и борец во војната и во револуцијата, по војната ја застапува идејата за колективизација и индустријализација на селото. Искрено верувајќи и работејќи на тоа, Дичо се судрува со повеќето од селаните, но најжестоко се конфронтира со својот добар пријател, соборец и побратим Лазар. По пропаѓањето на задругарството, Дичо заминува од селото. По неговата смрт, Фидан, исполнувајќи ја татковата желба, го погребува во родното село. Престојувајќи таму, Фидан се обидува да се пронајде себеси во новата средина, во новиот ангажман со сточарството, кој за него значи голем предизвик, како и во контактите со нови лица. Тука доживува и нова љубов со девојката Благуна, ќерка на Лазар, која наскоро станува негова жена. Иако изложен на недовербата на соселаните, Фидан со сиот елан се занимава со одгледувањето на овците. Но, законите на пазарот се немилосрдни и во тие услови не е можна реализација на неговата замисла. Враќањето на Фидан на татковото огниште не му го донесува бараниот мир ниту, пак, нова содржина во животот.

6 март (петок) 20.00 ч.
СЛОБОДА НА РАЃАЊЕТО
(Freedom for birth)
Документарен филм, Данска
Режија: Тони Харман, Алекс Вејкфорд (Toni Harman, Alex Wakeford)
2012 г., 58 мин., колор, ДВД
Главниот лик во филмот е унгарската бабица Агнес Гереб која е осудена и одлежала затворска казна, затоа што им дала поддршка на жените кои одлучуваат да раѓаат дома. Мајката на Агнес го пријавила случајот во Европскиот суд за човекови права во 2010 г. и го добила случајот. Сега секоја жена има легално право да одлучува за условите на своето породување.

ВЕЧЕРИ НА ЖЕНСКИ ПРАВА
7 и 8 март

7 март (сабота) 20.00 ч.
МАСКАТА ВО КОЈА ЖИВЕЕШ
(The Mask You Live In)
Документарен филм, САД
2015 г., 97 мин., колор, ХД видео
Режија: Џенифер Сибел Њусом (Jennifer Siebel Newsom)
Сценарио: Џесика Конгдон, Џенифер Сибел Њусам (Jessica Congdon, Jennifer Siebel Newsom)
Филмот истражува како тесната дефиниција на нашата култура на машкоста им штети на момчињата, мажите и на општеството во целост и ни открива што може да се направи во врска со тоа. Модерната машкост, потиснувањето на емоциите и родовите стереотипи засилени преку културата (американската), се одлично анализирани во новиот моќен филм на Џенифер Сибел Њусом. МАСКАТА ВО КОЈА ЖИВЕЕШ вешто ги истражува силните пораки и општествените очекувања кои се очигледни и вкоренети и засилени преку популарната култура, спортот и медиумите. Луѓе со различни потекла го споделуваат личното влијание од нивното воспитување, односите со своите татковци, нивните борби, како и намерните избори кои ги направиле во подигањето на своите деца. Експерти во областа, вклучувајќи автори, лекари и професори, ни обезбедуваат истражувања, како и опсервации врз предизвиците на мажите и момчињата соочени со нереалните очекувања на општеството кое ја слави хипер-машкоста.

8 март (недела) 20.00 ч.
(И СИ ЖИЕВЕЕЈА) СРЕЌНО ДО КРАЈОТ НА ЖИВОТОТ
(Happily Ever After)
Документарен филм, Хрватска / Холандија
2014 г., 83 мин., колор, ХД видео
Режија: Татјана Божиќ (Tatjana Božić)
Сценарио: Татјана Божиќ, Александер Гекјан (Tatjana Božić, Aleхander Goekjian)
Во очаен обид да ја сочува врската со човекот на нејзиниот живот, режисерката Татјана Божиќ се враќа во своето минато. Низ едно калеидоскопско патување назад во времето, таа се обидува да се присети на сите свои поранешни љубовници и партнери со цел да открие што не е во ред со неа и со нејзиниот љубовен живот…

ДЕНОВИ НА СОВРЕМЕН ЕВРОПСКИ ФИЛМ
9-15 март

9 март (понеделник) 20.00 ч.
10 март (вторник) 20.00 ч.
ДОМАШНИ ЖИВОТНИ
(Domestic)
Игран филм, Романија / Германија
2012 г., 82 мин., колор, блуреј
Режија и сценарио: Адријан Ситару (Adrian Sitaru)
Улоги: Адријан Титиени, Георге Ифрим, Јоана Флора, Клара Вода (Adrian Titieni, Gheorghe Ifrim, Ioana Flora, Clara Voda)
Црна комедија за односот на луѓето кон животните и домашните миленици. Во една романска зграда паралелно се одвиваат повеќе „драми“ околу судбината на домашните миленици – еден пес, еден зајак, гулаб, мачка и кокошка. Во едно семејство миленикот е разгален, во друго семејство му подготвуваат божиќен лонец, во трето семејство околу судбината на миленикот се преговара. Заедно со судбината на милениците, на дневен ред во домашните разговори и расправии се и светогледите и ставовите на луѓето во врска со времето во кое живеат.

12 март (четврток) 20.00 ч.
13 март (петок) 20.00 ч.
ЛОРЕ
(Lore)
Игран филм, Германија / Австралија / Велика Британија
2012 г., 109 мин., колор, блуреј
Режија: Кејт Шортленд (Cate Shortland)
Сценарио: Кејт Шортленд, Робин Мукхерџи, по роман на Рејчел Зајферт (Cate Shortland, Robin Mukherjee, Rachel Seiffert)
Улоги: Саскија Розендал, Каи-Петер Малина, Неле Требс (Saskia Rosendahl, Kai-Peter Malina, Nele Trebs)
Препуштени сами на себе, откако нивните родители, задоени нацистички офицери, ќе бидат заробени од сојузничката војска, пет деца тргнуваат на пат низ разорената Германија за да стигнат до домот на својата баба. Попат се среќаваат и се соочуваат со последиците од војната, вџашени од сознанието дека нивните родители-нацисти им прикажувале сосем поинаква слика, перспектива за војната и за тоа што е праведно и добро, а што не е. Најстарата, 14-годишната Лоре, ја предводи групата деца и ќе мора да прифати помош од луѓе, за кои од своите родители слушале сѐ најлошо.

14 март (сабота) 20.00 ч.
15 март (недела) 20.00 ч.
НЕ СТЕ ВИДЕЛЕ СЀ
(Vous n’avez encore rien vu)
Игран филм, Франција / Германија
2012 г., 115 мин., колор, блуреј
Режија: Алан Ресне (Alain Resnais)
Сценарио: Алан Ресне и Лоран Ербие по драмите на Жан Анул (Alain Resnais, Lurent Herbiet, Jean Anoulh)
Улоги: Матје Амалрик, Пјер Ардити,Сабине Азема (Mathieu Amalric, Pierre Arditi, Sabine Azѐma)
Најпознатите француски актери се собираат на едно место за да го слушнат тестаментот што го оставил познатиот драматург, неодамна починат, а нивни пријател и соработник. На барање на починатиот, тие мора да ја прегледаат и видеоснимката од преставата „Евридика“ на една експериментална театарска трупа и да проценат дали текстот на драматургот е добро и верно изведен. Но, заради снимката што ја гледаат, актерите почнуваат да се присеќаваат на времето, кога и тие ја поставиле оваа претстава и наместо будно да го следат случувањето на екранот, тие се внесуваат во текстот и дијалозите и повторно ги оживуваат старите улоги и спомени поврзани со нив.

ПРОЗОРЕЦ КОН ИТАЛИЈАНСКИОТ ФИЛМ
16-22 март

16 март (понеделник) 20.00 ч.
ФАРМАТА НА ЧУЧУЛИГИТЕ
(Masseria delle Allodole)
Игран филм, Италија / Франција / Шпанија / Бугарија / Германија
2007 г., 122 мин., колор, ДВД
Режија: Паоло и Виторио Тавијани (Paolo & Vitorio Taviani)
Сценарио: Паоло и Виторио Тавијани (Paolo & Vitorio Taviani) според новелата на Антонија Арслан (Antonia Arslan)
Улоги: Паз Вега, Мориц Блајбтри, Алесандро Прециози (Paz Vega, Moritz Bleibtreu, Alessandro Preziosi)
Филмот снимен според хит-романот на Антонија Арслан, ни раскажува приказна за кланот Авакијан, ерменско семејство кое живее во Турција и има две куќи. Семејството е убедено дека напливот на турско непријателство кое се појавува на хоризонтот нема да ги гибне и не посветуваат вниманите на тоа. Тие не посветуваат внимание ниту на знаците на предупредување и се подготвуваат за семејната прослава, на која ќе дојдат и двајцата синови: земјосопственикот Арам – кој живее во Турција и Асадор – кој е физичар и живее во Венеција. Илузиите паѓаат во вода, кога турските трупи одеднаш се појавуваат во куќата и ги убиваат сите мажи, а жените ги носат во Сириската Пустина…

17 март (вторник) 20.00 ч.
ИНДУСТРИЈАЛЕЦОТ
(L’Industriale)
Игран филм, Италија
2008 г., 94 мин., колор, ДВД
Режија: Џулијано Монталдо (Giuliano Montaldo)
Сценарио: Џулијано Монталдо, Вера Пескароло ( Giuliano Montaldo, Vera Pescarolo)
Улоги: Пјерфранческо Фавино, Каролина Крешентини, Едуард Габија (Pierfrancesco Favino, Carolina Crescentini, Eduard Gabia)
Филмот ИНДУСТРИЈАЛЕЦ од 2011 година е драма која својата премиера ја имала на Римскиот филмски фестивал. Филмот освоил три италијански Златни глобуси: за најдобар филм, за камера и за музика. Задушен од долговите и притиснат од банките, четириесетгодишниот Никола, сопственик на фабрика, која ја наследил од татка си, е на работ на банкрот и ќе стори сѐ за да ги реши своите финансиски и брачни проблеми. Иако е притиснат од вработените, Никола бара излез во заедничка зделка со соработници од Германија. Зделката пропаѓа, неговата сопруга најавува развод… Музиката во филмот е на Андреа Мориконе, синот на Енио.

18 март (среда) 20.00 ч.
ПОСТПОРОДИЛНА ТАГА
(Maternity Blues)
Игран филм, Италија
2011 г., 94 мин., колор, ДВД
Режија: Фабрицио Катани (Fabrizio Cattani)
Сценарио: Фабрицио Катани, Грација Верасани (Fabrizio Cattani, Grazia Verasani)
Улоги: Андреа Осварт, Моника Барладеану, Кјара Мартеџани (Andrea Osvárt, Monica Barladeanu, Chiara Martegiani)
Во момент на лудило, Клара го убива своето дете. Откако судот ќе реши дека таа не сноси одговорност за нејзините постапки, испратена е во строго надгледувана психијатриска болница. Таму таа ја дели собата со млада девојка, која како и таа направила нешто, од што нема враќање. Клара и нејзината цимерка се обидуваат да продолжат да живеат со бремето на нивните гревови врз плеќите. И покрај разговорите и воспоставените врски, утехата не допира до нивните умови…

19 март (четврток) 20.00 ч.
ЕКВИЛИБРИСТИ
(Gli Equilibristi)
Игран филм, Италија, Франција
2012 г., 107 мин., колор, ДВД
Режија: Ивано де Матео (Ivano De Matteo)
Сценарио: Ивано де Матео, Валентина Ферлан (Ivano De Matteo, Valentina Ferlan)
Улоги: Валерио Мастандреа, Барбора Бобулова, Маурицио Казагранде (Valerio Mastandrea, Barbora Bobulova, Maurizio Casagrande)
Филмот е премиерно прикажан на 69-тиот Интернационален фестивал во Венеција. За улогата во филмот Валерио Мастандреа ја добива националната награда „Давид ди Донатело“ за најдобар актер. Џулио има љубовница и се иселува од неговата куќа. Додека се обидува да го издржува своето семејство и да најде место каде ќе живее, тој позајмува сѐ повеќе и повеќе пари, додека не се најде на дното. На почетокот сѐ изгледа нормално во семејството на работниците Џулио и Елена, кои имаат две деца. Но кавгата која тие ја имаат откако Џулио ќе прифати погрешна нарачка на пица, на површината го изнесува фактот дека Џулио е наивен и непромислен и дека нивниот брак, по неговото неверство, се одржува само поради децата. По иселувањето, на Џулио ќе му биде невозможно да издржува две семејства со плата од 1400 евра…

20 март (петок) 20.00 ч.
СТО КЛИНА
(Centochiodi)
Игран филм, Италија
2007 г., 92 мин., колор, ДВД
Режија и сценарио: Ермано Олми (Ermano Olmi)
Улоги: Раз Деган, Луна Бенданди, Андреја Ланфреди (Raz Degan, Luna Bendandi, Andrea Lanfredi)
Филм од 2007 година кој е прикажан надвор од конкуренција на 60-тиот Кански филмски фестивал.
Млад професор по филозофија на религиите на Универзитетот во Болоња, преку громогласен симболичен чин на побуна – буквално „распнува на крст“ сто вредни книги од 15-тиот век од Универзитетската библиотека, го напушта својот живот и исчезнува без трага. Додека полицијата го бара за тој богохулен вандализам, тој започнува нов живот на напуштена фарма крај брегот на реката По, каде учи да „живее со бавноста, да се наштима со природата“ и е прифатен од локалните жители, кои на шега, но и поради неговиот изглед и избор на живот го викаат Исус. Тој станува дел од заедницата, учествува на селскиот фестивал, ја поправа урнатината, која ја избира за дом и се спријателува со младиот поштар и со девојката која работи во пекарата…

21 март (сабота) 20.00 ч.
ДОБРО УТРО, ТАТО!
(Buongiorno papà)
Игран филм, Италија
2013 г., 109 мин., колор, ДВД
Режија: Едоардо Лео (Edoardo Leo)
Сценарио: Масимилијано Бруно (Massimiliano Bruno)
Улоги: Свева Алвити, Стефано Амброџи, Јонис Башир (Sveva Alviti, Stefano Ambrogi, Jonis Bashir)
Андреа има 40 години, самец е, посветен на кариерата и на авантурите со безброј девојки. Работи во филмската индустрија, многу е почитуван и богат: има Порше и живее во прекрасен стан во Рим. Станот го дели со неговиот другар Пол, кој е сосема поинаков од него. Пол е образован и длабокоумен но нема среќа со работата и со жените. Комичниот пресврт започнува кога во нивниот живот ќе се појави 17-годишната Лајла, која тврди дека му е ќерка на Андреа. Тогаш сѐ ќе се смени. Таа го побарала татка си, затоа што мајка ѝ неодамна починала. Андреа гледа како неговиот свет се урива и не знае како да реагира на новоста. По ДНК-тестирањето, во станот доаѓа и дедото Енцо…

22 март (недела) 20.00 ч.
СТОЛОТ НА СРЕЌАТА
(La sedia della felicità)
Игран филм, Италија
2013 г., 94 мин., колор, ДВД
Режија: Карло Маѕакурати (Carlo Mazzacurati)
Сценарио: Доријана Леондеф, Карло Маѕакурати (Doriana Leondeff, Carlo Mazzacurati)
Улоги: Валерија Мастандреа, Изабела Рагонезе, Џузепе Батистон (Valerio Mastandrea, Isabella Ragonese, Giuseppe Battiston)
Бруна е козметичарка која едвај врзува крај со крај. Таа е предадена од нејзиното момче и е прогонувана од бескрупулозен продавач, кој ги запленува машините во салонот. Пресвртот настанува кога една муштерика, која е на отслужување на затворска казна и Бруна ја негува во затвор, пред да умре ќе ѝ се исповеда. Норма Пече, мајка на славен бандит, сокрила богатство во еден стол во својата дневна соба. Соседот Дино, кој е уметник за тетовирање, ѝ помага на Бруна во потрагата по богатството…

24 март (вторник) 20.00 ч.
25 март (среда) 20.00 ч.
АНА КАРЕНИНА
(Анна Кареннина)
Игран филм, Советски Сојуз
1967 г., 145 мин., колор, 35 мм
Режија: Александар Зархи (Александр Григорьевич Зархи)
Сценарио: Василиј Василиевич Катанјан (Василий Васильевич Катанян) според новелата на Толстој (Никола́евич Толсто́й)
Улоги: Татјана Самоилова, Николај Гриценко, Василиј Лановој (Татьяна Самойлова, Николай Гриченко, Василий Лановой)
Ана Каренина е млада жена, додека нејзиниот маж Алексеј Александрович е постар. Заплетот на филмот е љубовта на Ана Каренина и младиот офицер, грофот Вронски. Ана го напушта семејството во потрага по среќата со љубениот Вронски. Затоа мора да го направи најважниот чекор во својот живот: да го напушти својот син Серјожа. Сето тоа ѝ носи голема болка и понижување. Таа не ја наоѓа бараната среќа и не можејќи да се помири со ситуацијата, го завршува животот скокајќи под воз. Фимот е снимен на местата опишани во книгата, верно го следи духот на книгата и според многумина претставува една од наjуспешните адаптации на оваа литературна класика.

27 март (петок) 20.00 ч.
МАМА
(Mommy)
Игран филм, Канада
2014 г., 139 мин., колор, блуреј
Режија: Ксавиер Долан (Xavier Dolan)
Сценарио: Ксавиер Долан (Xavier Dolan)
Улоги: Ан Дорвал, Антоан-Оливие Пилон, Сузан Клемент (Anne Dorval, Antoine-Olivier Pilon, Suzanne Clément)
46-годишната Дајан три години е вдовица. Многумина сметаат дека е провинцијалка, но таа прави сѐ што треба, вклучувајќи експонирање на нејзиното тело пред нејзините претпоставени за да заработи за живот. Таа добитна комбинација за преживување е загрозена, кога ќе одлучи да го прифати нејзиниот син единец Стив од претходната институција, која е еден чекор подолу од затвор за малолетници. Таа го сместила во институција веднаш по смртта на сопругот, поради хиперактивно нарушување и недостаток на внимание и неговите насилни испади. Тој неодамна е избркан од последната од повеќето институции каде престојувал, зашто предизвикал пожар во кафетеријата и повредил друго момче. Таа решава да го деинституционализира, зашто не ѝ се допаѓа алтернативата да биде испратен во строг малолетнички затвор, од кој, веројатно, никогаш не би се рехабилитирал. Сепак, прифаќајќи го тоа решение, таа мора да се грижи за него… Режисерот на филмот, Ксавиер Долан, е едно од најинтересните авторски имиња кои се појавуваат на сцената денес, и секој негов филм, како и овој од 2014 година, предизвикува огромно внимание. Филмот е добитник на Наградата од жирито на последниот Кански филмски фестивал.

ФРАНЦУСКИ КИНОКЛУБ

28 март (сабота) 20.00 ч.
ЖАПЕЛУ
(Jappeloup)
Игран филм, Франција /Канада
2013 г., 130 мин., колор, ДВД
Режија: Кристијан Дугвај ( Christian Duguay)
Сценарио: Гијом Кане (Guillaume Canet)
Улоги: Гијом Кане, Марина Хендс, Даниел Отје (Guillaume Canet, Marina Hands, Daniel Auteuil)
На почеток на 1980-тите, Пјер Дуран ја отфрла својата ветувачка кариера како адвокат и започнува да се занимава со својата вистинска страст, прескокнување на пречки со коњ. Со поддршка на татко си, тој се коцка со тоа што вложува сѐ во коњ во којшто никој нема доверба: Жапелу. Премногу мал, премногу тврдоглав и премногу темпераментен, тој има многу маани, но ниеден друг коњ нема такви скокачки способности. Од натпревар во натпревар, парот се подобрува и започнуваат да го оставаат својот печат во светот на коњското скокање пречки. Но, по Олимписките игри во Лос Анџелес, каде поминуваат катастрофално, Пјер мора да се соочи со слабостите. Со помош на неговата сопруга Надја и коњушарот Рафаел, Пјер повторно ја добива довербата на Жапелу и гради однос, кој ќе ги однесе до златото на Олимписките игри во Сеул во 1988 година.

29 март (недела) 20.00 ч.
31 март (вторник) 20.00 ч.
ОБАБА
(OBABA)
Игран филм, Шпанија, Германија
2005 г., 100 мин., колор, 35 мм
Режија: Мончо Армендариз (Montxo Armendáriz)
Ссценарио: Мончо Армендариз, според роман на Бернардо Атхага (Montxo Armendáriz, Bernardo Atxaga)
Улоги: Пилар Лопез де Ајала, Хуан Диего Бото, Барбара Ление (Pilar López de Ayala, Juan Diego Botto, Bárbara Lennie)
Студентката Лурдес патува кон Обаба, мистериозно и изолирано баскиско гратче за да реазлизира работна задача. Дури и пред да пристигне таму, наидува на чудни лица, кои неконкретно одговараат на нејзините прашања за ориентација. Ова истражувачко патување на Лурдес, со сите попатно сретнати ексцентрици и гуштери, всушност, прераснува во пат кон спознанието за младата девојка. Работите што ги открива, ги поместуваат нејзините гледишта од вообичаената перспектива.

Програмата се реализира со поддршка на Министерството за култура, како и Амбасадата на Шведска во Македонија, Француски институт, ЕСРА-Универзитет за аудиовизуелни уметности, ЦИЈ Дарма, Амбасада на Италија во Македонија и Амбасада на Канада во Србија.