Програма на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица

Единаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица ќе се одржи од 27 до 31 мај, под мотото „Еден филм насекаде, сите на Астерфест“. Како и претходните изданија, и оваа година, фестивалската програма на „Астерфест“ ветува врвни актуелни филмски остварувања од целиот свет.

Во натпреварувачката програма на кратки играни филмови „Глобална фикција“, што ја селектираше Сунчица Уневска, има ексклузивни филмски приказни од Иран до Шпанија, од Египет до Велика Британија.

Оскаровецот Мет Киркби со британскиот „Телефонски повик“, потоа иранскиот „Повеќе од два часа“ на Али Азгари, кој беше номиниран во Кан и во Санденс и освои над 18 награди. Меѓу нив, е и француско-израелската авторка Тамара Ерде, чиј филм „Дизни Рамала“ ги собра сите награди во Франција, но ја освои и публиката.

Натпреварувачката програма на кратки документарни филмови „Ѕвездени документи“, што ја селектираше Гена Теодосиевска, го поставува главно прашањето дали сме подготвени да ѝ погледнеме на реалноста в лице. Таа е составена од седум ексклузивни креативни документарни стории.

За филмовите во официјалната конкуренција ќе се доделат Златна, Сребрена и Бронзена потковица, Старозлатен проектор, како и наградите „Ѓорги Абаџиев“ за најдобро сценарио, „Ацо Алексов“ за најдобар режисер, и други награди од жирито.

За програмата „Мувиленд“, која оваа година е во фокусот на најновиот краток филм од Турција, Влатко Галевски, во соработка со Универзитетскиот филмски центар „Митхат Алам“ и со Истанбулскиот фестивал на краток филм, одбра неколку краткометражни филмови претежно на млади турски режисери.

На самото отворање на фестивалот лауреатите ќе ги примат престижните награди за високи достигнувања во областа на филмот. Овогодишен добитник на авторското фестивалско признание „Астер“ е Киро Урдин, а Специјалната награда од Тивериополската филмска алијанса му припадна на актерот Боро Стјепановиќ.

Сите филмски проекции ќе се одржуваат во големата сала на НУЦК „Антон Панов“. Финансиски покровители на „Астерфест“ се Агенцијата за филм на РМ и Општина Струмица.

Целата програма на фестивалот е достапна на овој линк.