Програма и за најмладите ИТ ентузијасти во рамки на Codefest 2016

Програмерскиот маратон Codefest три години по ред се организира во Охрид, а се повеќе го привлекува вниманието на сите страни на технолошката заедница. Оваа година, од 15-17 април Codefest ќе го одржи своето четврто издание, на кое покрај редовните учесници, за прв пат се воведува и Codefest Junior, посветен на најмладите, најкреативните и најиновативните умни глави и ИТ ентузијасти.

Идејата доаѓа од соработката на организацијата на Codefest со Центарот за иновации ЕМКИЦЕ, МБАН – Македонската мрежа на бизнис ангели и ИЛУМИНЕ Центарот за иновации и едукација во ИКТ. Во Македонија постојат многу талентирани и креативни деца кои со вистинското образование и насочување уште од најрана возраст, можат да станат креаторите на идниот Facebook или некоја друга светска иновација.

„Им даваме можност на најмладите ИТ ентузијасти, идните умови на нашето технолошко општество, да ја покажат својата креативност и иновативност без граници токму на Codefest. Веруваме дека ова искуство ќе им биде незаборавно, но и дека силно ќе влијае на нивната мотивација и љубов кон технологијата и иновациите. Досега Codefest им беше достапен на средношколците и студентите, но искуството ни ја наложи потребата ова да го направиме возможно и за најмладите“, велат од организацијата на настанот.

Оваа година 15-тина исклучително талентирани деца ќе земат учество на Codefest Junior, и заедно со редовните тимови ќе имаат можност целосно да го доживеат искуството. Организаторите се надеваат дека Codefest Junior ќе прерасне во посериозен дел од настанот на кој ќе можат да учествуваат поголем број на деца заинтересирани уште од најмала возраст да работат на технолошки иновации.

Инаку, Codefest Marathon е 32-часовен натпревар за студенти и средношколци, во рамките на кој истите можат со свои тимови да работат на развивање на сопствени креативни и иновативни идеи до демо продукт. Предизвикот е без претходна подготовка, тимовите да покажат колку можат да сработат за 32 часа, поддржувани од врвни интернационални ментори, експерти во повеќе области. Оваа година носи многу новитети за Codefest и еден развиен концепт на настанот кој може да се става во редовите на светските технолошки настани.

На Codefest 2016 ќе се одржи технолошка конференција на 15 април, на која доаѓаат звучни имиња од Viber, Microsoft, Google, Adobe итн., програмерски маратон познат како Codefest Marathon на 16 и 17 април кој ќе трае непрекинати 32 часа, и CFX-Business Expo, кое ќе се одвива паралелно со останатите делови од настанот, а ќе биде одлична можност за презентација на повеќе компании, можност за отварање на нови соработки и регрутација на таленти.

Резервации за Codeference и CFX-Business Expo се уште можат да се прават на линковите: http://www.codefest.eu/codeference#Register и http://www.codefest.eu/cfexpo#Join.