[Програма] Џез викенд во Прилеп

Вечерва во Прилеп почнува третиот џез фестивал кој ќе го отвори бендот „Акустико“ од Италија, Лука Аквино на труба и Кармине Јоана на хармоника. Гостува и бугарскиот состав FlyWe2The Moon предводен од трубачот, Росен Захариев.

Џез викенд во Прилеп

Џез викендот, посочуваат од општина Прилеп, ќе го презентира музичкото творештво од светски џез размери со основна идеја за поинаков, урбан Прилеп и заложби за следење на вистинските вредности и културни содржини.

Утревечер настапуваат „Сархан“ чии членови, од Словенија, Индија и Хрватска, негуваат посебен фјужн на индиска традиционална музика и џез рок, а публиката ќе може да ги слушне и „Нејкед“ од Србија.

Третата, последна вечер, во сабота, е резервирана за Рамбо Амадеус, еден од најоригиналните автори и изведувачи на Балканот, и виртуозите Игор Малешевиќ на тапани и Мирослав Товирац на бас. Пред нив настапуваат нашите „Некст ту сајленс“.

За затворањето на фестивалот најавен е настап на „Дисциплина кичме“ и легендарниот Душан Којиќ – Која. Настапите секоја вечер се од 20 часот на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“, а влезот е бесплатен.