[Програма] 16. издание на фестивалот „Таксират“ во недела

Официјалното отворање на главната вечер од 16. издание на фестивалот „Таксират“ ќе се случи во недела на 7. декември во „Метрополис Арена“. Вратите на фестивалот ќе бидат отворени од 18:00 часот, а фестивалот ќе трае повеќе од 8 часа. Годинава на „Таксират“ ќе може да се видат вистински легенди кои за прв пат доаѓаат во Македонија, врвни изведувачи од земјата и регионот и нов музички проект со кој ќе биде отворен фестивалот.

Конечно, по повеќе децении кариера и успеси, пред нашата публика за прв пат ќе настапат, легендарниот уметник од бристолското подземје, човекот синоним за трип-хоп музиката Tricky и култната електро-поп група која ја одбележа музичката ера на поранешна Југославија, Денис & Денис. Своите најенергични настапи досега за „Таксират“ најавија дека ги подготвуваат најлудото српско хип-хоп трио Bad copy и реге хероите Conquering Lion. Хрватите LET 3, бендот за кој ниедна најава не се важи бидејќи се е оставено на нивниот префинет вкус за уникатен рок перформанс ветува дека фестивалот и оваа година ќе донесе нешто неочекувано.

Сепак, честа прв со својот настап да ги пречека „таксиратлии“ годинава му припадна на почесниот гостин на „Таксират“, директорот на реномираниот словачки фестивал „Похода“ кој овојпат доаѓа во Скопје со својот бенд Vydrapena Buzirka Punk System. Веднаш потоа во свој автентичен стил „Таксират“ го поставува гласното озвучување за бунтовниот звук на легендарниот стрит-панк состав GBH кој од Велика Британија, прв пат доаѓа во Македонија.

За официјалното затворање на ова осумчасовно „Таксират“ дружење, во недела ќе биде задолжен холандскиот освојувач на светските подиуми, генијалниот Sander Van Doorn кој среде зимската турнеја во Америка и Азија, доаѓа во Скопје на единствениот европски настап до крајот на годинава.

На бината во недела музичарите ќе настапат по следниот редослед:

19:00 – Vydrapena Buzirka Punk System (Словачка)
19:45 – GBH (Велика Британија)
20:50 – CONQUERING LION (Македонија)
21:45 – DENIS & DENIS (Хрватска)
22:45 – LET 3 (Хрватска)
00:00 – TRICKY (Велика Британија)
01:05 – BAD COPY (Србија)
02:00 – SANDER VAN DOORN (Холандија)

Промотивните влезници по цена од 500 денари ќе бидат достапни до 18:00 часот во недела, а потоа истите на билетарницата на Скопски саем ќе чинат 650 денари. Во меѓувреме, сè уште е во тек и акцијата со „Џабест Таксират“ пакетот, со кој за секои 4 купени влезници се  добива една гратис.