Прогласени победниците од конкурсот „Филантропија преку зелени идеи“

Здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците на конкурсот „Филантропија преку зелени идеи“: Жарко Василевски – „Наша Фарма: Едноставно природно и традиционално производство на здрави јајца од кокошки“, Биљана Филиповска – „Прва задруга на потрошувачи на органска храна Наша Добра Земја Доо Скопје“  и Јасминка Пашалиска -Андоновска од „Здружение – Центар за лековити билки и шумски плодови „Амброзија“ – Пехчево.

Тие се избрани како национални победници кои ќе ја претставуваат Македонија на регионалниот „Форум за зелени идеи“.

„Наша Фарма е прва фарма за производство на еколошки јајца од кокошки во државава која е организирана на традиционален начин, Се наоѓа во општината Ѓорче Петров меѓу Ново Село и Волково. Произведува органски јајца од кокошки и ги дистрибуираме до дома. Во иднина Наша Фарма ќе прерасне во место за посета на нашите клиенти кои освен купување на здрава храна ќе можат и да видат изворно како таа се произведува и колку производството е еколошки, едноставно, природно и самоодржливо “- изјави Жарко Василевски, сопственик на Наша Фарма, дипломиран новинар.

„Наша Добра Земја“ планира избор на 5-10 мали производители од чисти краеви во Македонија и реализација на обука на производителите за органско производство и постојан мониторинг и проверки, почетен капитал за производството, и договори за откуп на нивните производи.

„Наша Добра Земја како прва задруга на потрошувачи во Македонија, веќе има свои купувачи за кои имаме голема желба и мотив да обезбедиме што поголем асортиман на органски македонски локални производи, за што подобри цени. Доколку го реализираме овој проект, ќе има многукратен бенефит – и социјален и еколошки! “ -изјави Биљана Филиповска, Основач и претседател на УО на „Прва задруга на потрошувачи на органска храна Наша Добра Земја ДОО Скопје “.

„Нашата „зелена“ идеја е Пилот инсталација за добивање на пелети од отпад од био маса.

„Пелетите се обновлив извор на енергија и се користат се повеќе и повеќе во последните неколку години. Дополнителна вредност на идејата е намерата инсталацијата да биде користена и за едукација за процесот на производство на пелети и предностите од користење на обновливи извори на енергија“, изјави Јасминка Пашалиска -Андоновска од „Здружение – Центар за лековити билки и шумски плодови „Амброзија“ – Пехчево.

Најдобрите идеи ги одбра жирито во состав: Љупка Митриновска (Фонд за иновации и технолошки развој), Методија Миноски (ПроКредит Банка), Игор Славкоски (Милиеуконтакт Македонија) и Ирина Јаневска (АРНО).

Победничките идеи од Македонија понатаму ќе се натрпреваруваат на регионалниот натпревар „Форум за развој на филантропија во Западен Балкан“ кој ќе се одржи во јули во Косово, во конкуренција на победниците од Србија, Црна Гора, Косово и Албанија. Трите идеи кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 долари од фондот на браќата Рокфелер за имплементација на нивните зелени бизнис идеи.